Иванов: До последниот ден од мандатот ќе го бранам суверенитетот на Македонија

До последниот ден од мојот мандат ќе го бранам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија од внатрешните и надворешните предизвици и закани и од тоа нема да отстапувам.

Ова го порача во новогодишното обраќање во Собранието на Република Македонија претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов кој потенцира дека денешното не е последно обраќање и отчет за сработеното во овој втор негов мандат, што завршува на 12 мај следната година. За тоа смета дека се уште е рано.

-Кога на 12 мај 2014 година го презедов мандатот втор пат  тука во оваа сала дадов свечена заклетва како претседател на РМ и врховен командант на АРМ ќе ги бранам суверенитетот, територијалниот интегритет и незаисноста на РМ од внатрешните и надворешните предизвици и закани. Во таа изјава стои дека ќе ги бранам Уставот и уставниот поредок на РМ. Денес од ова исто место повторувам дека до таа моја заклетва ќе продолжам до последниот ден од мојот мандат и од тоа не мислам да отстапувам. Имам многу добра причина за мојата решителност бидејќи токму за време на овој втор мандат РМ се соочува и со внатрешни и надворешни закани и ризици по нејзиниот суверенитет, територијателен интегритет и независност, рече претседателот.

Осврнувајќи се на соработката со Владата и Собранието рече дека таа по одредени прашања била добра и дека таквата соработка е неопходна за доброто на државата, но оти во изминатата година  кохабитацијата била ставена на тест.

-Во изминатата година како претседател на РМ со Владата соработував околу повеќе прашања од споделена надлежност. Во сферата на надворешната политика ги прифатив сите квалитетни владини предлози за амбасадори кои сметав дека професионално ќе ја претставуваат РМ во странство.  Постигнавме согласност околу новиот гувернер на НБРМ, именував нов началник на ГШ на АРМ. Со Собранието соработував преку именувањето двајца нови уставни судии. Таква соработка за доброто на државата е неопходна во секоја кохабитација, но има суштински важни причини зошто нашата кохабитација е ставена на тест, рече претседателот на Република Македонија.

Ова е редовно годишно обраќање на Претседателот на РМ во Собранието.