Законот за амнестија ја помина првата фаза

Законот за амнестија ја помина денеска во парламентот првата фаза од процедурата за негово донесување.

Заменик-министерот за правда Оливер Ристовски образложи дека со овој закон треба да бидат ослободени од издржување казна затвор приближно 670 правосилно осудени лица на затвор до шест месеци, а на 3. 097 лица казната да биде намалена за 30 проценти.

Министерството за правда, при подготвувањето на законот, ги имало предвид условите во казнено-поправните установи кои треба да обезбедат и успешна ресоцијализација на осудените, а кои, како штопосочи Ристовски, се пренатрупани.
„Условите во затворите се оценети од меѓународните организации како нехумани, а опасноста од криминална инфекција е реална. Затоа се оцени дека е неопходно донесување закон со кој група лица осудени на затвор до шест месеци за лесни кривични дела ќе се ослободат од издржување на казната. За другата затворска популација е предвидено намалување на вкупната казна за 30 проценти, освен за делата што со овој предлог се изземени од амнестија“, рече Ристовски.

Како што наведе Ристовски, со предложениот закон не се предвидува амнестија за лица кои се правосилно осудени на доживотен затвор, како и за сторители на кривично дело убиство од член 123 од Кривичниот законик, како и за кривични дела против избори и гласање.

Пратеничката од ДУИ Мирсада Емине-Асани рече дека го поддржуваат законот, потенцирајќи дека со него ќе се оствари и заштеда на буџетски средства кои би се искористиле за подобрување на условите во казнено-поправните домови.