Ждрепка за ЛШ: Познати сите двојки за четвртфиналето, спектаклот е на „Олд Трафорд“ и „Камп Ноу“


Денеска во Нион се одржа ждрепката за четвртфиналето од Лигата на шампионите, а дефинитивно најголемо внимание ќе предизвика двомечот помеѓу Барселона и Манчестер Јунајтед.

Исто така, интересно ќе биде и во премиерлигашкиот двомеч помеѓу Тотенхем и Манчестер Сити, додека Кристијано Роналдо ќе има можност да го одмазди својот поранешен клуб Реал Мадрид во двомечот против Ајакс. На хартија најлесна задача ќе има актуелниот европски вицешампион Ливерпул кој ќе се соочи со екипата на Порто.

Освен за четвртфиналето, УЕФА воведе новина од оваа сезона, па со ждрепката се одредени и двојките за полуфиналето, односно кои победници од кои двомечи ќе вкрстат меѓу себе за пласман во големото финале кое ќе се одигра на „Ванда Метрополитано“ во Мадрид.

Така, победникот од двомечот меѓу Манчестер Сити и Тотенхем ќе се соочи со победникот од двомечот меѓу Ајакс и Јувентус, додека пак Барселона или Манчестер Јунајтед ќе се соочат со Ливерпул или Порто на последната пречка пред големото финале. Како номинален домаќин во финалето ќе биде победникот од првото полуфинале.

Вреди да се напомене и дека Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед не можат да играат на домашен терен во иста вечер, ниту преку еден ден, поради што првиот натпревар од двомечот меѓу Барселона и Манчестер Јунајтед ќе се игра на „Олд Трафорд“ наместо на „Камп Ноу“, што може да биде голем хендикеп за „Црвените ѓаволи“, а предност за Каталонците бидејќи реваншот ќе се игра на нивни терен.

Првите натпревари од четвртфиналето се играат на 9 и 10 април, а реваншите се закажани за 16 и 17 април.

Двојките за четвртфиналето од ЛШ:

Ајакс – Јувентус
Ливерпул – Порто
Тотенхем – Манчестер Сити
Манчестер Јунајтед – Барселона

Проекција за полуфиналето од ЛШ:

Полуфинале 1: Тотенхем/Манчестер Сити – Ајакс/Јувентус
Полуфинале 2: Барселона/Манчестер Јунајтед – Ливерпул/Порто.