Договорот за името ќе се потпише во недела или понеделник


Потпишувањето на договорот за името меѓу Македонија и Грција нема да се одржи во сабота, туку во недела или уште поверојатно, во понеделник, дознава „Независен весник“. Првичниот план беше премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас да стават параф на решението во сабота во 15 часот на грчкиот дел од Преспа, но ќе дојде до одлагање поради барањето за интерпелација на грчката Влада.

„Ова е подарок во овој момент, можност од прва класа за овие два дена да разговараме со имиња за тоа кој што и кога даде“, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас во одговорот до лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис, по доставеното барање за расправа и гласање недоверба на владата.

За 18 часот по локално време, претседателот на грчкиот Парламент ја закажа седницата. А според информациите од Атина, гласањето веројатно ќе биде во сабота на полноќ.

Како што јави МИА од Атина, се очекува за време на дводневната расправа лидерите на партиите и пратениците да дебатираат околу договорот меѓу Македонија и Грција, а денешната седница на парламентот, и покрај тоа што се однесуваше на економијата и новиот пакет мерки, се претвори во дискусија и меѓусебни обвинувања за содржината на договорот. Веројатно беше само најава што ќе следи во следните, нешто повеќе од 48 часа.

Грчкиот премиер, одговарајќи на нападите од претседателот на Нова демократија рече дека „Мицотакис одбрал да се претвори во гласноговорник на вистинскиот лидер на партијата, Андонис Самарас“

Ципрас упати остри обвинувања до Самарас, дека тој има голема одговорност за прашањето со името, а во минатото не сторил ништо, во две ситуации во 90-те кога Македонија била заведена под уставното име.