Грантовите „плачат“ за Антикорупциска комисија

Поранешни антикорупционери препознаваат судир на интереси и корупција во аферата со доделувањето грантови на компании чии сопственици се јавни функционери, меѓу кои вицепремиерот Кочо Анѓушев и пратеникот од СДСМ, Хари Локвенец. Но сега, кога пукна скандалот, Државната комисија за спречување на корупцијата има само двајца членови. Останатите петмина членови и претседателот си дадоа оставка откако беа „фатени“ дека работеле незаконски и правеле финансиски малверзации.

Поранешниот член на Антикорупциската комисија Ариф Муса вели во овој случај, според него, повредени се и Законот за судир на интереси и Законот за спречување на корупцијата, закони за кои е надлежна токму Антикорупциската комисија. Таа, пак, не функционира веќе пет месеци и предвидувањата се дека ќе се комплетира дури наесен.

„Во овој случај со сигурност постои конфликт на интереси и не се почитувани одредбите на законот за судир на интереси, така што доколку постоеше Антикорупциска комисијата, секако дека веднаш би бил оформен предмет, па одделувањето на средствата од Фондот за иновации би се вратило на почеток. Не може од институција која е под заштита на Владата пари да добиваат функционери на Владата кои имаат удел во фирмите што добиле пари. Според информациите објавени во јавноста, во случајот има и елементи за корупција и е повреден Законот за спречување на корупцијата“, вели Муса.

Според него, дури и двајцата членови кои се останати во Комисијата би можеле да оформат предмет и да собираат информации за евентуална злоупотреба.

За овој случај предмет оформи Обвинителството за организиран криминал и корупција, но засега не соопштуваат никакви информации за текот на постапката освен дека се очекува јавнообвинителска одлука за понатамошното постапување. Фактот што предметот е во фаза на предистрага е главниот аргумент на Обвинителството да не споделува информации во јавноста.

„Во тек е предистражна постапка во која се преземаат дејствија за утврдување факти во предметот. Со оглед на тоа што согласно со закон дејствијата во предистражна постапка се тајна, во моментов не сме во можност да споделиме детали“, велат од Обвинителството.

До Фондот за иновации веќе почнале да пристигнуваат изјави од компаниите за нивната сопственичка структура. Директорот на Фондот, Јован Деспотовски, вели дека ова не е задолжителна обврска за компаниите што ги добија грантовите, но вели дека за околу една седмица треба да излезат со информации до јавноста и да соопштат колку компании доставиле изјава до Фондот за иновации.

Деспотовски вели дека засега немале никаков отпор, односно не добиле никакви забелешки од компаниите за обврската за доставување изјава со која ќе потврдат односно негираат дали во својата сопственичка структура имаат лице кое е носител на јавна функција или член на неговото потесно семејство.

Министерството за внатрешни работи по налог на Обвинителството влезе во објектот на Фондот за иновации и ја одзеде потребната документација за овој случај. Обвинителството досега нема издадено друга наредба, а од Министерството за внатрешни работи велат дека во овој случај тие постапуваат само по налог на Обвинителството.

Обвинителството ќе ја испитува содржината на оваа документација и ќе утврдува дали има евентуална злоупотреба, но другите дејствија се тајни. Од Обвинителството не соопштуваат ниту кој од обвинителите го води овој предмет.

Муса вели дека од Обвинителството се очекува да го истражи овој случај и даде отчет пред јавноста за нивната работа.

„Кога не би било политизирано Обвинителството и кога би имало волја за спроведување на законот, сигурно овој случај би имал разрешница. Обвинителството треба да истражува и да излезе пред јавноста, да даде отчет за својата работа, но и за политичарите, за граѓаните да немаат постојано сомнеж дека секоја власт е корумпирана“, вели Муса.

Иако ова е еден од ретките случаи за кои Обвинителството отвори предмет по допрен глас, односно по информациите објавени во медиумите во кој се истражува евентуална злоупотреба на актуелни функционери, поранешниот претседател на Антикорупциската комисија, Војче Зафировски, не верува дека Обвинителството ќе го разреши овој случај.

„Едноставно нема начин институциите да ја убедат јавноста затоа што дозволија оние што зедоа средства од Фондот за иновации, наместо да објаснат кои ќе бидат бенефитите зошто аплицирале и што ќе донесат тие средства за Македонија, тие викаат ќе ги вратиме парите. Тоа самото укажува дека има судир на интереси и барем мене никој не може да ме убеди дека таа работа е чиста“, вели Зафировски.

Вкупно 79 компании добија грантови од Фондот за иновации, а јавноста се посомнева во евентуални злоупотреби на буџетските пари откако беше обелоденето дека грантови зеле фирми во чија сопственост удел имаат вицепремиерот Кочо Анѓушев и пратеникот на СДСМ, Хари Локвенец.
Нивните фирми се откажаа од парите, но по реакциите на јавноста. Во првиот инвестициски бран беа предвидени инвестиции од 20 милиони евра, од кои 10,5 милиони евра од буџетот.

Премиерот Зоран Заев не побара оставки од своите министри зашто според него постапиле законски бидејќи сите фирми имале можност да аплицираат. Според него, тие ги повлекле фирмите и постапиле етички.

Фросина Факова – Серафиновиќ