Град Скопје ќе ги урива и Пере Тошев, генерал Михајло Апостолски и уште два споменика
Денови се одбројуваат до отстранувањето на уште четири споменици донирани од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин. Неофицијално, ќе се уриваат спомениците на Пере Тошев, Никола Русински, на првиот генерал на македонската војска, Михајло Апостолски и споменикот на Света Лидија Македонска.
И посочените споменици ќе се отстранат поради истите причини како и Ќосето, неоиспочитувана процедура при нивното поставување.
„Повеќе од извесно е дека ќе ги снајде истата судбина како и споменикот на Ќосето. Созреани се речиси сите правни услови да се постапи на терен, односно се докомплетира документацијата да почне извршувањето“, велат наши извори. Наводно, Град Скопје веќе добил препораки од градежниот инспектор од Општина Центар, кој на терен увидел неправилности кај посочените споменици, исти како и во случајот со Ќосето.
Револуционерите се поставени во близина на Универзитетската библиотека, односно пред Македонскиот народен театар, генералот на кружениот тек во близина на Континентал. Споменикот на Света Лидија Македонска се наоѓа на плоштадот Света Богородица. (Д.Т.Д.)