Во земјава има 300 диви депонии, најголемата е долга 30 км

 Во изминатите десет дена, во рамки на акцијата за прогласување на депониите и ѓубриштата за автентично културно наследство, Центарот за современи уметности (ЦСУ) – Скопје посети над 200 депонии низ цела Македонија. Според сознанијата до кои дојде Центарот, на територијата на државата има преку 300 диви депонии и речиси шест пати повеќе односно над 1500 диви селски буништа и ѓубришта.

Како најзагрозени и најбогати со депонии и ѓубришта од ЦСУ ги посочуваат Полошкиот регион, а зад него Скопскиот и Кумановскиот регион. Најубавите и најразвиените депонии што се истакнуваат со својот диверзитет и богатство, а едновремено и најдобро го уништува пејзажот ги обележаа со пригодни табли, односно ги прогласија за национално културно наследство.  

Интересен е фактот дека најголемото ѓубриште е долго преку 30 км и се наоѓа по двата брега на течението на Вардар од Гостивар до Јегуновце каде практично куповите ѓубре, шут, стар мебел и отпад циклично се редат преку 30км   а најголемата раздалечина без ѓубре на овој терен е неполн километар.
Во рамките на оваа акција наменета  за поддршка на иницијативите кои се борат за справување со ѓубрето и ѓубриштата со пригодни табли  беа маркирани 30-тина ѓубришта и депонии во Скопскиот, Полошкиот, Кичевско-Охридско-Струшкиот и други региони низ  Македонија, велат од Центарот.

Акцијата е дел од проектот „Креативни заедници на Центарот за современи уметности (ЦСУ) – Скопје, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

На ироничен начин, од ЦСУ,  прогласени се и поставени се табли за обележување на Споменик на ѓубрето од прва категорија, Ѓубриште бр. 0236,  категорија II – делумно загрозено, Одлука за заштита бр. 12-34-7689 на интервладиното тело  за заштита на ѓубришта и депонии.
„Депонијата е под заштита на законот како дел од движното а недвижно културно, историско и  општествено наследство на Македонија. Според преданието депонијата ја подигна Петко од Трајкота од долно маало ко ја рушеше плевната и ја реновираше ќуќата, со срдечна помош на брат му Ѕоне, неговиот баџанак Диљо и нивните комшии и пријатели.
Според науката пак истата  е во почетокот на 21-от век од страна не непознат неимар од околната населба а за нејзиното одржување и развивање се грижат граѓаните и селаните од околината како и надлежните инспекторати.
Депонијата/ѓубриштето е дел од 1.176-те диви депонии во Македонија, подигнати од граѓаните на Република Македонија како дел од проектот: Македо-депонија – Диво ѓубриште за секое село и град!“, соопштуваат од ЦСУ.