ВМРО-ДПМНЕ се враќа во Собрание – за обраќањето на Столтенберг

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува задутре на пленарната седница на Собранието, на која ќе се обрати генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кој доаѓа во посета на земјава. Оваа одлука е донесена на синоќешната прва седница на новиот Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ и најавите се дека тој заклучок ќе го почитуваат сите членови на пратеничката група – независно од расцепот во партијата.

На прашање дали ВМРО-ДПМНЕ се враќа во парламент само за обраќањето на Столтенберг или тоа ќе значи почетна точка за прекинување на бојкотот, од партијата изјавија за „Независен Весник“ дека станува збор за конкретна ситуација и дека за сите понатамошни чекори дополнително ќе информираат.

На првата седница на новиот Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ, како што соопштија од партијата, било расправано и за процесот што се води за настаните во парламентот на 27 април минатата година. „ИК го осуди политичкиот прогон од страна на власта, кој преку правосудните органи се врши врз пратеници, уметници, полициски службеници и останати лица чиј единствен грев е тоа што имале храброст гласно да се спротивстават на антидржавните политики на актуелната власт. Извршниот комитет заклучи дека ваквото однесување на актуелната власт е недемократски чин и не придонесува за нормализирање на политичката состојба во Македонија“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Партиското раководство дискутирало и за дел од законите што беа донесени во текот на вчерашниот ден, при што е заклучено дека владејачкиот СДСМ води штетни политики.
„Носењето на неуставниот закон за двојазичност и ратификувањето на асиметричниот договор со Бугарија, со кој ќе се брише македонската историја, се доказ дека штетните антидржавни политики на СДСМ, на кои пред изборите предупредуваше ВМРО ДПМНЕ, стануваат реалност. Ваквите политики ја редефинираат Македонија и нанесуваат штети на долг рок, кои нема да може да се надоместат“, се наведува во соопштението од седницата на ИК.

Раководството на ВМРО-ДПМНЕ донело и заклучоци според кои „црното економско трио – Заев, Анѓушев и Тевдовски“ води катастрофални политики кои ја туркаат земјата кон банкрот, а работата на локалната самоуправа, предводена од СДСМ, која не презема никакви мерки против аерозагадувањето, е потврда за безидејноста на власта.

ИК на ВМРО-ДПМНЕ го осудува и, како што е посочено, политичкото насилство на СДСМ манифестирано, наводно, преку стотици отпуштања од работа, деградирања и раскинувања на договори.(А.М.М.)