ВМРО-ДПМНЕ не се враќа во парламентот

Христијан Мицковски, како лидер на опозицијата која е разединета по неодамнешниот конгрес со Валандово, се соочува со првата поголема дилема по преземањето на функцијата: дали да ги врати своите сопартијци во парламентот или да продолжи да дејствува вонинституционално – во ситуација кога сѐ уште не е надмината ситуацијата поради која ВМРО-ДПМНЕ прогласи „тивок бојкот“ на законодавниот дом. Последните информации што дојдоа вчера од ВМРО-ДПМНЕ беа дека бојкотот продолжува – поради продолжувањето на притворите за настаните на 27 април.

По валандовскиот конгрес, ВМРО-ДПМНЕ се откажа засега од протестите и блокадите на крстосниците за поддршка на осомничените за „крвавиот четврток“, што претходно се одржуваа секојдневно на различни локации во Скопје, па и на некои гранични премини. Мицкоски и новиот координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев, пак, беа деновиве во комуникација со премиерот Зоран Заев и со координаторот на СДСМ, Томислав Тунтев, така што информациите што доаѓаа од тие разговори упатуваа на тоа дека опозицијата е на чекор кон враќање од законодавниот дом. Но, судот им ги продолжи вчера мерките притвор и домашен притвор на 29 лица за учество во настаните на 27 април, меѓу кои се и шестмина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, поради кои и започна бојкотот на Собранието.

Повеќето пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со поранешниот лидер Никола Груевски, дојдоа во вторникот во парламентот за да го следат обраќањето на претседателот Ѓорге Иванов. Потоа, беше најавено дека дополнително ќе се носи одлука како ќе дејствува опозицијата во наредниот период. Од ВМРО-ДПМНЕ вчера околу пладне дојде неодредено соопштение според кое пратеничката група на координација одлучила во наредниов период да ги дефинира чекорите за натамошно дејствување. Освен тоа, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја повторила поддршката за, како што се наведува, неправедно притворените колеги и останатите граѓани во врска со настаните од 27 април, реафирмирајќи ги позициите дека правото не смее да биде погазено од мотивите за политички прогон.

„Одговорност на власта, односно мнозинството на СДСМ е да обезбеди нормално функционирање на Собранието. ВМРО-ДПМНЕ смета дека Македонија може да напредува само ако законодавниот дом функционира во демократска атмосфера, каде што ќе бидат создадени услови за учество на опозицијата и нејзино партиципирање во носењето на законите“, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Во текот на денешниот ден се очекува појасна ситуација околу можното враќање на ВМРО-ДПМНЕ во законодавниот дом, со оглед на тоа што се закажани седници на неколку комисии и две пленарни седници, од кои едната за поставување пратенички прашања. Премиерот Заев изјави вчера дека очекува пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да се врати денеска во Собранието.

– Ако не дојдат, седницата ќе биде многу кратка бидејќи немам намера да им одговарам на пратениците од владејачкото мнозинство – рече Заев.
За судската постапка за насилството на 27 април, Заев рече дека на средбата со Мицкоски се согласиле за многу работи што се надлежност на партиите и му порачал дека постапките на судот се надвор од негова надлежност.

– Неколкупати потенцирав дека притворот треба да се користи како крајна истанца. И мене и на граѓаните ни е преку глава од притворот кога тој се користи како казна. Сакам транспарентна постапка за сите и, ако има докази, да одговараат, а доколку нема, да не одговараат – рече Заев.
И координаторот на СДСМ, Тунтев, очекува пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се појават на денешната седница за пратенички прашања. Тој и Ѓорчев веќе ги договарале собраниските активности во наредните денови.

„Во интерес на функционирањето и ефикасноста на Собранието изминативе денови сум во постојана комуникација со новоназначениот координатор Ѓорчев. И денеска имаше меѓусебна комуникација и координација околу приоритетите и обврските што треба да ги заврши Собранието, а во насока на реформите и планот 3-6-9, кои треба да ги реализираме до крајот на годинава. Тема по тема ги договараме собраниските активности за наредните денови и се обидуваме да ги дефинираме и утврдиме заеднички прифатливите приоритети. Конкретно, разговаравме за законите од областа на правосудството“, изјави вчера Тунтев.

Тој рече дека постои согласност оние решенија што се усогласени да одат на усвојување денеска, додека онаму каде што сѐ уште има отворени прашања дополнително ќе бидат усогласувани преку работните групи. Тунтев вели дека опозициските пратеници треба да ја искористат можноста да им постават прашања на премиерот и на министрите на денешната седница бидејќи со тоа ќе придонесат за контрола на извршната власт.

(А.М.М.)