Вардар како Северна Кореја

Вардар се затвори како Северна Кореја. Информации од „црвено-црното“ семејство нема ниту на лажичка, да не говориме за огласување по повод проблемска ситуација од каков било вид во трите колективи (фудбалскиот и двата ракометни). Многу такви испливаа на површина во најблиското минато (читај 2018 година). Од клубовите, пак, не најдоа за сходно да стават ниту десетина реченици на официјалните страници како што знаат да бомбардираат со, на пример, 39 постигнати гола на јуниорките против Овче Поле, за убедливи победи во Гевгелија, во Куманово, против Кузман Вардар, на пионерките против Металур 2 или за неизвесна трка меѓу Вардар Виница и Кале Вардар.

Отсуството на чувство за појаснување остави бришан простор за шпекулации по медиуми што, исто така, може да бидат штетни по субјектот. Одговорност е, сепак, неопходна барем за фановите кои, ако не „Телеком арена“, го полнат капацитетот на СЦ „Јане Сандански“. Како и транспарентност, се разбира, и принципиелност оти работата во спортот, како и во секоја друга општествена сфера, познава афирмативност, но изложеност и на критизерство што не секогаш треба да се сфаќа со негативна тенденција. Иако вардаровите проекти се приватни, јавноста, сепак, има право да знае во која насока се движи, до пред некоја година, националното галениче.

Фудбалскиот клуб настапи, главно, со младинци против Силекс во првенството (пораз 2:3 на домашен терен) и во реванш четвртфиналниот дуел со Шкендија во Купот што тетовци го добија со 4:0. За доцнењето на платите кај европскиот ракометен првак се дозна од разговорот на Жоан Кањелас за шпанска „Марка“, причините за одлив од женската екипа ги открива Андреа Лекиќ во интервју за Nezavisne.com. Верноста на која се обврза кон ЧСМ Букурешт по завршување на тековната сезона заедно со Јованка Радичевиќ и на Драгана Цвијиќ само ги потврди шпекулациите за фамозниот состанок со управата на клубот на кој добиле слобода да трагаат по нови средини.

„Првата и дефинитивна причина да заминам е одлуката на сопственикот Сергеј Самсоненко за неиграње на клубот во Лигата на шампиони во наредната сезона. Женскиот ракомет во Вардар ќе остане на ниво на млади девојчиња. Многу ми е жал поради тоа по, речиси, петте години минати во тимот што е најдолг период во кариерата. Навистина ми паѓа тешко сето ова, но мора да се снаоѓаме. Мојата основна амбиција е борба за трофејот во Лигата на шампиони во секоја сезона. Затоа го одбрав Букурешт кој е во редот на трите најдобри европски екипи и воопшто не беше лесно да донесам одлука кога ја добив понудата“, вели Лекиќ, една од најдобрите светски ракометарки за Nezavisne.com.

Молкот по изјавата на Кањелас за доцнење на платите, сега на Лекиќ за квалитативниот пад во најава на ЖРК Вардар, за моментните случувања во фудбалската екипа и нејзината идна физиономија по загубените битки на двата фронта во оваа сезона остава да лебдат низа дилеми за курсот на движење на секоја од трите „црвено-црни“ единици. Па, ако сакате и за судбината на Чедомир Јаневски чија позиција е на „тенок мраз“ иако во август лани беше окарактеризиран како херој по елиминацијата на Фенербахче што значеше историски пласман во групна фаза во натпреварување на УЕФА, во случајот Европа лигата.

Прашања има, но, засега не и реакции, па макар се појавиле и во форма на соопштение. А додека ги дочекаме, ако воопшто се случи тоа, на прес-конференции ќе слушаме за „респект кон ривали, за очекувања за тешки натпревари, дека ама воопшто нема да биде лесно, дека противникот е анализиран, дека има добри и лоши страни, но ако ние одиграме како што знаеме и умееме, тогаш нема причина бодовите да бидат доведени во опасност“.

Потпирањето на форма на сметка на суштина, за жал, е секојдневие во македонските спортски услови, при што имун не е ниту Вардар. Наместо одговори за реални проблеми, се добиваат дипломатски одговори од типот дека клубовите се сопственост на господинот Сергеј Самсоненко кој како газда ќе одлучи што, кога и колку ќе каже. Тој, пак, изгледа повеќе е надвор од Македонија отколку што е во неа. Така барем вели „живиот ѕид“ пред него кој од петни жили се обидува да изрази верност и пожртвуваност како Лукс кон маршалот Тито во битката на Сутјеска. Но лојалноста кон маршалот во СЦ „Јане Сандански“ некои ја толкуваат и како лојалност кон сопствениот џеб. Во исчекување на одговори, очекувајте вести за разорната моќ на младинските погони над конкуренцијата во „силната“ домашна сцена.

Сашко Ѓ. Димовски