Богоевски: Се уште нема допис од Судот со барање за повлекување имунитет

Претседателот на Комисијата за деловничко и мандатно-имунитетни прашања, Павле Богоевски, денеска изјави дека до овој момент до Собранието не е пристигнат никаков допис од Судот со барање за повлекување на имунитет на пратеници.

Според него, седницата на Комисијата би се одржала дури и без присуство на опозицијата бидејќи владејчкото мнозинство има доволно пратеници за кворум за работа.

– Веднаш штом ќе пристигне таков допис јас ќе ја закажам седницата на Комисијата – изјави Богоевски.

Богоевски кажа дека нема никаков коментар околу политичката димензија на случувањата.

– Тоа што можам да го кажам е дека врз основа на член 53 од Деловникот на Собранието ако и кога стигне допис од надлежен орган, што во овој случај е судот, ќе ја свикаме комисијата и ќе одлучуваме – рече Богоевски.

Според процедурата, како што појасни тој, барањето прво треба да се достави до претседателот на Собранието.

– Сигурен сум и дека имаме начин како и од далечина претседателот на Собранието да одлучи по некое барање, со електронски потпис, со ставање на своерачен потпис и така натаму. Во моментот кога претседателот на Собранието ќе утврди дека барањето ги исполнува условите од членовите 53 и 54 од Деловникот односно дека е поднесено од надлежен орган, во тој случај претседателот по службена должност го пренесува барањето до претседателот на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања, кој што е должен во рок од два дена да заврши со седницата на која што ќе се донесе заклучок како ќе се постапи по барањето – рече Богоевски.

Меѓу другите членови на Комисијата за деловничко и мандатно имунитетни прашања се и неколкумина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ за кои се тврди дека се притворени. Во работата на Комисијата, доколку се одржи, ќе можат да учествуваат нивните заменици, но и без нив, како што кажа Богоевски, Комисијата ќе има кворум за работа.