Битолчани бараат субвенционирана струја за да се откажат од дрвата

Битола со години наназад е на врвот од  листата  на  загадени градови во Македонија  според  мерењата  на  Министерството за животна средина,  а според некои европски мерења  и меѓу најзагадените градови во Европа. Аерозагадувањето, посебно во зимските месеци е топ тема меѓу граѓаните, невладиниот сектор, политичарите, експертите. .. По многу дебати, трибини, истражувања и анализи,  па дури и граѓански протести во изминатите години, битолчани и натаму дишат загаден воздух. Покрај индустриските капацитети, пред се РЕК Битола,  како главни “виновници“  за високите концентрации на ПМ честичките во воздухот   се  посочуваат домаќинствата кои се затоплуваат на огревно дрво.

Повеќе од половина домаќинства се грејат на дрво

Според истражувањето на Регионалното здружение „Геосфера“, од оџаците на огништата доаѓаат дури 70 проценти од ситната суспендирана прашина која е причина за низа заболувања. Во Битола, над 65 проценти од домаќинствата согоруваат огревно дрво за затоплување. Се додека Битола не добие топловод или гасовод, од „Геосфера“ предлагаат до домаќинствата да се дистрибуира сертифицирано дрво, за да се намали притисокот врз животната средина од согорувањето на влажното огревно дрво.

-Од направените анализи се констатира дека најголем процент на загадување емитираат домаќинствата затоа што користат огревно дрво со висок процент на влага кое создава големи количини на ПМ честички. Дрвата се доставуваат многу доцна, во ноември, па и во декември, а влажното дрво емитира 7 до 8 пати повеќе ПМ честички од сувото дрво. Ова може да се реши со промена на законодавството, во смисла скалдирање и дистрибуција на суво огревно дрво до домаќинствата, со што, сметаме дека ќе имаме големо намалување на аерозагадувањето, најмалку за 50 проценти “, посочува Мите Ристов, претседател на „Геосфера“.

Во Битола годинава имаше тројно повеќе загадени денови од максимално дозволените. Двете мерни станици на Министерството за животна средина,  во центарот на градот и во индустрискиот дел, регистрирале над 90 дена во 2018 со надминување на среднодневната гранична вредност на ПМ10, наспроти дозволените 35 во текот на целата година. Овие надминувања се посебно изразени во зимските месеци, поради што и локалната власт решението  за намалување на аерозагадувањето го гледа во  овозможување граѓаните да се затоплуваат преку организирано централно греење.  Сите останати мерки што општината ги понуди во изминатиот период-субвенционирање на печки на пелети, купување на велосипеди, како и оние што ги планира во иднина – нов сообраќаен режим во централното градско јадро, подобро организиран јавен превоз, велат дека ќе бидат  мало ублажување на состојбата.

-Она што е значајно е центрaлното затоплување во градот, затоа што знаеме дека многу домаќинства се затоплуваат индивидуално и тие се сериoзни загадувачи. Не ги обвинувам граѓаните, тие мора да се затоплуваат, но, локалната и централнaта власт треба да овозможат друг начин на затоплување за тоа понатаму да се ефектуира во намалување на загадувањето, вели градоначалничката Наташа Петровска.

И гасификација и топлификација

Гасификацијата која беше еден од адутите во предизборната кампања на актуелната локална власт, а претходната пак, го отпочна проектот за топлификација на Битола. Сега, токму овие два различни концепти за централно затоплување на градот се причина за меѓусебно препукување на власта и опозицијата. Од  ВМРО ДПМНЕ бараат да продолжи проектот за топлификација што тие го започнаа,  за што во 2015 година меѓу  владите на Македонија и Германија, ЕЛЕМ и КФВ банката беше потпишан договор за изградба на нов систем за централно греење на Битола, Новаци и Могила. Со овој договор КФВ на ЕЛЕМ му даде заем од 39 милиони евра, а потоа новата Влада го стопираше проектот.

-Во изминатите години од 2010 до 2017, се создадоа услови за да се почне со топлификација на Битола. Сакаме да апeлираме до сегашната централна и локална власт што побрзо да се спроведе тој проект, бидејќи фосилните горива го загадуваат воздухот и со нивна замена во централно греење би се намалило влијанието на тие штетни агенси во воздухот. Проектот се спроведуваше во фази, се изработи предфизибилити студија, физибилити студија, па во 2015 година се зеде заем од банка, вели Силвана Ангелевска од ВМРО-ДПМНЕ Битола.

Токму топлификацијата е причина за застој и на работите околу гасификацијата на Битола, тврди локалната власт,  а работите дополнително се заплеткаа по најавата дека проектот за топлификација ќе мора да се реализира поради  склучените меѓународни договори. Гасификацијата ќе ја спроведува општината , а топлификацијата  ЕЛЕМ

-Општина Битола предничеше во проектните активности околу гасификацијата, но во средината на 2018 година бевме известени дека она што е потпишано меѓу поранешната Влада на Македонија и Владата на Германија за топлификацијата е нешто што не смееме да отстапиме затоа што државата би платила многу пенали. Сега на некој начин мора да се спроведува комбиниран систем, затоа што два вакви система би биле голем товар за одржување. Постои начин да се направи добар сплет, а застојот е токму поради овие причини. Сега ќе одиме со подруга динамика, а деновиве ќе биде објавен тендер за проектната документација за гасоводот, вели градоначалничката Петровска.

РЕК  нема еколошка дозвола

Меѓу индустриските капацитети, РЕК Битола во повеќе домашни и меѓународни истражувања се посочува како најголем загадувач не само во Битола, туку и пошироко. Менаџментот  уверува дека РЕК Битола заврте нов лист во пристапот кон намалување на загадувањето од комбинатот, во таа насока се работи на повеќе еколошки проекти, а исто така откочена е и постапката за добивање „А“ интегрирана еколошка дозвола.

-Најпрво се зафативме со решавање на проблемот со пепелта на одлагалиштето, каде површините со непокриена пепел се намалени за десет пати, а во завршна фаза е и инсталирање на систем за водено отпепелување. Реконструкцијата на електростатските филтри на Блоковите предвидено е да започне следната година, со што дополнително ќе се намали загадувањето. Што се однесува на постапката за добивање на А интегрирана еколошка дозвола,  успеавме со зголемен ангажман на вработените во РЕК –Битола во делот на екологијата, да ги  комплетираме  документите , истите се доставени до Министерството за животна средина. Се надеваме дека во текот на наредната година ќе ја добиеме интегрираната дозвола и ќе знаеме како   во кој правец треба да се движи РЕК Битола во делот на екологијата, изјави  генералниот директор на РЕК Битола, Васко Ковачевски.

Битолчани бараат целодневна евтина тарифа

Токму како компензација за загадувањето од РЕК Битола, група битолчани од неформалната Битолска иницијатива за субвенционирана струја бараат граѓаните од трите Општини, Битола, Новаци и Могила, да добијат целодневна евтина тарифа, со што би се поттикнале домаќинствата  наместо со  огревно дрво, да се затоплуваат на струја. Ваквата субвенционирана електрична енергија за битолчани, според направените анализи и пресметки на БИСТА, би ја чинело државата околу 9 милиони евра годишно. Ваква иницијатива неодамна во Советот поднесе и независната советничка група ПОИНАКУ, а откако мнозинството го изгласа,  предлогот е  испратен  до Владата.

Во меѓувреме, истражувањата на експертите потврдуваат дека аерозагадувањето е причина за зголемен број предвремени смртни случаи. Научниот труд на  Мирјана Димовска  и Драган Ѓорѓев  од Институотот за јавно здравје, објавен  во октомври во  Биомедицинскиот журнал на научни и технички истражувања, покажува дека загадувањето предизвикува 22,3 отсто од вкупната смртност во Македонија, а по Скопје и Тетово,  Битола со 223 прерани смртни случаи годишно  поради загадување со ПМ 2,5 честички, е на трето место.  Тоа е 19,4 проценти од вкупниот број на починати лица во текот на една година. Ако граничните вредности на  ПМ 2,5 честичките  се усогласат со оние на ЕУ,  ќе бидат спасени 84 животи во Битола, а 173 ако се постигне препорачаното максимално ниво на Светската здравствена организација.

Емилија Мисирлиевски