Амнестијата стигна до Смилковци и Дива Населба

Помирување ќе има во Собранието, а амнестија не, повтори и вчера премиерот Зоран Заев. Тој потенцира дека координативното тело ќе работи на севкупно помирување, како и на перспективите што се отвораат пред Македонија.

„Како што ќе се носат одлуките, така ние тоа ќе го соопштуваме во јавноста. Настаните од 27 април се одлична можност да го изградиме тоа помирување. Има многу убави и демократски познати модалитети како да се прави тоа, но низ системот и низ ова координативно тело. Добро е што почнува од парламентот како врв на демократијата и највисока институција во Република Македонија за да може да го очекуваме и по вертикала надолу до општините, па дури до последната клетка на нашето општество – семејството“, изјави Заев.

Повикот за помирување што тој го даде од собраниската говорница и натаму е предмет на различни коментари и толкувања. Вицепремиерот Бујар Османи смета дека директните извршители на насилството, како и нарачателите, не смеат да бидат предмет на какво било помилување.

„Но, доколку имало луѓе што се колатерална штета, кои се нашле таму и немале намера да направат штета, а сепак биле таму, тогаш треба да бидат дел од разгледување на координативното тело“, вели Османи.

Од Алијансата за Албанците ќе инсистираат амнестијата да важи и за сите монтирани политички процеси во последните десетина години.

„Пред сè мислиме на кумановските настани и на случајот ‘Монструм’, велат за „Независен весник“ од партијата на Зијадин Села.

Изминатите денови и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, дава смирувачки изјави оставајќи простор за калкулација. Тој вели дека не можеме да ги прогласиме за криминалци обвинетите од 27 април, затоа што постапката против нив сè уште не е завршена ниту, пак, се согласува дека тие се терористи како што е наведено во обвинителниот акт.

„Не се согласувам со фразата ‘тероризам’. Тоа е најтешка категорија на кривично дело во Кривичниот законик“, нагласува Ахмети правдајќи се дека не е ниту судија ниту обвинител за да може да ги амнестира овие лица. Заклучува дека земјата има потреба од помирување, а највисоката цена за настаните од 27 април ја платила ВМРО-ДПМНЕ.

Во предлог-законот за амнестија за 27 април, што до Собранието го поднесе најголемата опозициска партија, се предвидува ослободување од кривично гонење, запирањето на поведените кривични постапки и целосното ослободување од издржување на казната затвор на веќе осудените лица. Тие што се во затвор – итно би биле ослободени. Со амнестијата би се опфатиле осомничени и обвинети во судските постапки за сториле кривични дела: учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие, насилство, учество во толпа што ќе изврши кривично дело и терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, како и други кривични и прекршочни дела согласно со позитивно-правните прописи во земјава.

Токму во последната точка се „крстат“ и осумте осудените за нападот врз Села, кои издржуваат затворска казна од 81 година. Тие се товареа за посебно дело: убиство во обид, поради што и нивниот предмет побргу стигна до пресуда. Останатите обвинети за 27 април сè уште се влечат по судови. Меѓу нив се и петте пратеници во парламентот, а тројца од нив беа ослободени од куќен притвор само неколку дена пред да се случи гласањето за уставните измени. Крсте Мукоски, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски гласаа „за“, поради што итно беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ. Тие во понеделникот отсуствуваа од судење за да се сретнат со Заев. Во белиот дворец се сомневаат дека тројцата договориле спас за себе, односно дека „помирувањето во Собранието“ ќе значи спас единствено за нив, а не и за другите обвинети за истото дело.

„Основна цел на предлог-законот е амнестија за сите инволвирани во случувањата од 27 април, со цел национално помирување и враќање за нормалните текови во државава“, напоменуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Бараат расправата во Собранието да се одвива по скратена постапка, но најавите од мнозинството се дека такво нешто воопшто нема да се случи.

Горан Адамовски