Амнестијата ги закопа судот и обвинителството

Законот за амнестија конечно е објавен, но и натаму не се знае кој со сигурност ќе биде амнестиран за упадот во Собранието. Според она што се калкулира во јавноста, амнестијата ќе ги спаси петтемина пратеници: Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски, организаторите на протестите „За заедничка Македонија“, Богдан Илиевски, Игор Дурловски, Борис Дамовски и Владо Јовановски, односно тие кои дента не извршиле насилство. Но, сепак, во одредбата која наведува кој нема да биде амнестиран се остава простор да бидат амнестирани и лицата со фантомки кои не употребиле физичка сила, така што листата на амнестирани може да биде проширена. Оваа одредба предвидува да не се амнестираат организаторите на упадот, лица со прикриен идентитет кои употребиле физичка сила, лица кои сториле насилство, лица кои неовластено носеле оружје и лица кои постапиле спротивно на службените овластувања.

Она што е извесно е дека последниот збор за тоа кој ќе биде амнестиран ќе го имаат обвинителката Вилма Русковска и судот, каде што сè уште се води постапката за 27 април. Секој обвинет во рок од пет дена од правосилноста на законот треба да поднесе барање до судот да биде амнестиран. Судот го носи решението во рок од пет дена по приемот на барањето, но претходно мислење треба да даде јавната обвинителка Русковска. Според поранешниот врховен судија Дане Илиев, најголемиот товар во овој процес ќе го понесе токму таа.

„Обвинителот прво ќе одлучи за дејствијата на кои се повикува барателот на амнестијата, дали се од таков карактер како што се опишани во законот. Судот потоа ќе донесе решение и, ако го прифати мислењето на обвинителството дека некој од обвинетите треба да биде амнестиран, тогаш за нив се запира постапката. Обвинителката ќе го има главниот збор, таа мора да се справи и да оцени дали дејствието што го бараат обвинетите е опфатено во законот за амнестија и дали го има во описот на дејствијата за кои се товарат обвинетите“, вели Илиев.

Русковска, пак, не сака да коментира, вели дека Законот темелно ќе го анализира кога ќе биде објавен во „Службен весник“ и ќе стапи во сила.

„Од она што го слушаме, Законот предвидува амнестија само за поединечни дејства и таа не се однесува на кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок, за кое процесот ќе продолжи“, вели Русковска. Судијката, пак, која го води судскиот процес, Добрила Кацарска, вели дека во законот има многу нејаснотии.

„Ваков закон досега не сме имале. Според мене ниеден факт не е докажен додека не се докаже во постапка, а за тоа треба целосно да заврши процесот. Во оваа фаза не требаше да се носи ваков закон и сметам дека е предвреме донесен“, вели Кацарска.

Обвинетите и адвокатите сè уште се воздржани и најавуваат дека денеска, кога треба да продолжи судскиот процес, ќе соопштат дали ќе поднесат барање за да бидат амнестирани. Адвокатот Еленко Миланов, кој ги брани пратеникот Љупчо Димовски, оперскиот пејач Игор Дурловскиот и поранешниот разузнавач Мунир Пепиќ вели дека законот е контроверзен и проценува дека овој процес на амнестија нема да заврши брзо.

„Во овој процес нема премногу цврсти докази за многу лица дека поседувале неовластено оружје. Немаме докази дека некои од лицата со прикриен идентитет презеле насилство. Многумина од лицата со прикриен идентитет не вршеле насилство и мислам дека долго време нема да се одлучи по барањата кои ќе бидат поднесени“, вели Миланов. Тој очекува сите негови клиенти да бидат опфатени со амнестијата, па дури и Пепиќ, кој, според обвинението, влегол во Собрание како вработен во Агенцијата за разузнавање. Тој немал наредба да влезе во Собрание, туку да следи лице на протестот, српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ. Со самото тоа што лицето кое го следел влегло во Собранието, негова обврска била да го следи. Тој нема апсолутно никакви службени задолжувања и обврски во врска со самото Собрание, во врска со постапување на која било полициска единица за да биде во оној дел дека ги злоупотребил службените овластувања, иако и тој дел сметам дека ќе биде тежок за образложение и за обвинителството и за судот“, вели Миланов.

Тој смета дека судската постапка не може да продолжи и треба да биде запрена додека не заврши целиот процес со амнестијата.

Денеска, сепак, ќе продолжи судењето за упадот во Собрание каде што сè уште тече доказната постапка и наскоро обвинетите треба да ги дадат своите завршни зборови. За упадот во Собранието обвинети се 33 лица, но обвинение за организаторите сè уште нема бидејќи овој случај е во предистрага. (Ф.Ф.С.)

Јанева: Амнестијата сигурно ќе влијае врз судовите и обвинителството

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева изјави дека актуелната и амнестијата на претседателот Ѓорѓе Иванов во 2016 се сосема различни, но дека и вчерашната амнестија ќе има влијание врз судот и на јавното обвинителство.

„Амнестијата на Иванов беше сосема нешто друго од ова. Таа на Иванов беше врз основа на непознати податоци. Тој немаше податоци за работата и лицата што ги амнестираше. Неговата амнестија беше целосно незаконска, беа помилувани и сведоци, и странски државјани, и лица кои воопшто не биле предмет на постапка на судовите и на обвинител. Тоа влијаеше така што два месеца не работеше обвинителството. На Основното јавно обвинителствово и на судовите оваа амнестија сигурно ќе им влијае, но не би сакала да коментирам нешто што не е во мој домен“, изјави Јанева.

Фросина Факова – Серафиновиќ