Александар Митевски за „Независен“: Добрите песни не се плаќаат со пари

Композиторот и пејач Александар Митевски (40) е кантавтор кој 25 години прави песни за себе и за други и паралелно работи на повеќе проекти кои се присутни во јавноста, а тој не е експониран. Вели, атмосферата на сцената во последните години, па и деценија била таква што „условно кажано“ тој и музичарите од релативно „постарата“ естрадна екипа не биле присутни и активни. Актуелен е со новиот албум на бизнисменот Трифун Костовски кој наскоро треба да биде објавен.

Во 1992 му е првиот настап со рап групата ОК бенд, во 1995 прва солистичка песна, во 1996 – прва награда на „Макфест“ за „Виолина и гитара“ на Дуле и Коки – како текстописец. „Срце тетовирано“, „100 проценти фанки“, „Латино ЦД“, „За век и векови“, „Душа калдрма“, „Еднаш човек живее“, „Мојот град“… се негови или песни што ги напишал за повеќето изведувачи од македонската сцена.

Зошто те немаше долго во јавноста?

-Едноставно не сум личност која по секоја цена се натура. Јас сум кантавтор, човек што прави песни за себе и за други и паралелно работам на повеќе проекти кои се присутни во јавноста, а не сум јас тој што е експониран. Неодамна гостував кај Драган Б. Костиќ во неговата емисија и за мојот портрет многу луѓе беа изненадени, не знаејќи кои сè песни досега сум ги напишал. Едноставно, и атмосферата на сцената во последните години, па и деценија беше таква што „условно кажано“ ние од релативно „постарата“ естрадна екипа не бевме присутни и активни. Веројатно сплет на повеќе врзани нешта. Затоа и луѓето постојано носталгично прашуваат зошто не се активираме повторно и зошто нема хитови како во 90-тите години.

Што те натера да излезеш? Естрадата, Европа или политичката ситуација?

– Едноставно, човек треба да има став во вакви бурни времиња. Некои одбраа да одмолчат, да „не се од тука“, да кажат дека сега не е време или слично. Но јас мислам дека тоа е нашата задача, секому како уметник. Имање став, жед за подобро утре, глад за перспектива, иднина. Ние како генерација залудно изгубивме „во ветар“ години и години од нашата младост со тапкање во место. Затоа сакам да се разбудам во едно перспективно утро кога сите заедно сплотени ќе гледаат напред и ќе прават добро за оваа земја.

Која композиција те направи ѕвезда?

-Не се чувствувам како ѕвезда. Се чувствувам како уметник кој оставил и остава песни кои и ден-денес живеат и се пеат. Иако ретко луѓето ме гледаат како пејач во јавноста, сепак чувствувам дека им е драго кога ќе отпеам некоја од моите песни затоа што, според нивни зборови, тие песни се разликуваат, носат некоја поинаква атмосфера. Веројатно целиот авторски бекграунд го прави моето влијание на сцената и во јавноста. Една од првите мои песни, „100 проценти фанки“, одбележа едно време на мојата генерација и денес кога и да се прави некоја журка, младите ја бараат и ме паметат по неа. Таа песна и денес звучи свежо како да е сега направена.

Од колку години компонираш?

-Компонирам од свои 12-13 години. Јас сум самоук музичар и првите чекори во музиката ги направив кога почнав да ги симнувам по слух мелодиите од „Макфест“ со кој сум растел. Во гимназија пишував поезија, стихови, а така дојдоа и моите први песни-композиции. И еве оттогаш до денес постојано компонирам.

Имаш ли идол?

-Имам позитивни примери од наши композитори како Масевски, Шпато, Џамбазов кои ми биле некакви авторски идоли од кои ми сјаеле очите кога сум ги слушал нивните мелодии, нивните аранжмани. Сите на некој начин ме турнале да влезам во овој нов свет, како самоук музичар, да почнам да ја полнам мојата креативна партитура. Костиќ ми бил пример за новинарство, музика, истражување, радио. Разни странски групи и автори, исто така, извршиле влијание врз мене.

Македонските ѕвезди сакаат да им напишеш песна, исто и во регионот. Што те прави поинаков од другите композитори?

-Па, веројатно искреноста и особеноста. Младите автори денес имаат друг тертип на правење песни, пишување текстови. Во мене тлеат таа некоја си романтика, носталгија и тежина на зборот на која пејачите им веруваат. Мора да кажам дека ретко се случува денес да правам песни и мора да има искрена прикаска во тоа. Без разлика дали со Брејк правиме нова балада или некој друг е во прашање. Додека не сме сигурни дека имаме одлична песна, не ја пуштаме во јавност.

Дали избираш за кој пејач ќе компонираш или тебе тие те бираат?

-Со тие со кои сум на иста бранова должина се разбираме и знаеме дека ќе направиме хит. Во последно време сум повеќе фокусиран на маркетингот, ама секое слободно време во доцните часови го користам да напишам понекоја песна. Кога таа нумера ќе се стркала во студио, тогаш знам за кого е наменета.

И во светски рамки, ѕвездите се пославни од композиторите. Дали тоа што сте во сенка се валоризира на друг начин?

-Во светски рамки композиторите и продуцентите се веќе на рамниште на ѕвездите, ако не и  предничат во популарноста. Едноставно тоа е голем музички бизнис во кој секоја алка е значајна. Кај нас е поинаква прикаската и условите се такви што пејачите мора да зависат од автори, од спонзори, од медиуми. Јас, на пример, не сум фестивалски автор и речиси никогаш не сум учествувал на фестивали. Мислам дека треба да се собере старата гарда пејачи и автори и да излезе од сенката, на задоволство на публиката.

Македонија има многу таленти. Никој не сака да работи со нив, па по некое време ги снемува. Зошто?

-Па како што кажав, затоа што има изместени вредности на естрадата и нема вистински механизам кој ќе ја одржува во живот без вештачки краткотрајни апарати. Јас сум секогаш отворен за млади таленти, да помогнам во рамките на своите можности. Но треба да се изгради долготрајна стратегија затоа што Македонија е почва каде што никнуваат многу млади таленти. Еве на пример, се нафатив со режисерката Виолета Џолева и една ѕвездена екипа на автори да ги продуцирам песните за првиот детски мјузикл „Земја во која не се стигнува“ по текст на Оливера Николова и песни на Александар Џамбазов. Иако децата се од 9 до 13 години, сепак можам да кажам дека има извонредни млади таленти со кои работам и со кои ми е драго да разменам енергија.

Дали со своите песни конкурираш за субвенции во Министерството за култура?

-Никогаш не сум конкурирал како пејач или автор на таквите конкурси од едноставна причина што таа мерка не вроди со плод. Имам мислење дека добрите песни и хитови не се плаќаат со пари. Како што кажа еднаш Златко Ориѓански, „да се правеа хитови и естрада со пари и субвенции, Британија досега ќе платеше да направи нови Битлси“. Такви мерки се во ред за помош при реализација на нумери и спотови, но строго наменски и со реален бенефит за македонската музика. Никако поинаку.

Која е приказната со Трифун Костовски? Одбележавте и јубилеј 18 години од вашиот заеднички хит „Срце тетовирано“. Дали е твој ексклузивец, или ти негов?

-Тоа е спонтана соработка која трае, еве, веќе 20 години. „Срце тетовирано“ излезе спонтано и еве и ден-денес е некаков си македонски евергрин од поново време. Нема тука ексклузивност. Кога ќе направам некоја балада која би му одговарала на неговиот сентимент и дијапазон, секогаш знам да го побарам и да му ја презентирам. Трифун го прави тоа од мерак и без претензија да биде во јавност и затоа има публика што ги сака и препознава тие песни.

Што има ново на музички план?

-Годинава, односно почетокот на следната би сакал да направам еден музички јубилеј, по поминатите 25 години со музиката во мојата кариера. Да направам едно музичко одбележување на моите песни и песните што сум ги напишал за други, со моите пријатели на сцената и со издавање двојно цеде и документарен филм. Мислам дека околу тоа би се фокусирал најмногу со правење на една нова песна која ќе го најави настанот. Дел сум и од екипата на „Златна бубамара“ со која постојано се планираат следните случувања, се пишува сценариото, се подготвуваат песни и музички точки како тим. Едноставно, постојано има нешто што ме држи на готовс

Имаш ли неостварени желби во музиката?

-Веројатно ова горекажаното. Се надевам дека во пресрет ќе ми излезат сите оние со кои заедно ќе направиме настан за паметење и одлична носталгично-романтична вечер како во убавите времиња.

Каква музика слушаш приватно?

-Ги слушам Квин и целата нивна дискографија, како неисцрпен извор, бунар на креативност. Се радувам на филмот за Фреди кој наскоро ќе го гледаме во кино. Ја следам и модерната музика чисто поради продукцијата и како сето тоа звучи, во која има позитивни исклучоци. Си бирам автори кои се лепат на мојот сентимент, од типот на Ед Ширан и слични кои имаат рецепт како денес се пишува врвен модерен хит.

Дали твоите ќерки се музикални?

-Мислам дека се. Поголемата е, но не го покажува тоа јавно. Помалата Мања ми е „златно славејче“, сè уште активна таму. Сега ќе се вклучи и во детскиот мјузикл, без мое инсистирање и убедување. Едноставно оставам да си го живеат животот и само да ги изберат патчињата што ќе ги фатат. Ние како родители ќе бидеме секогаш тука за поддршка.

Постојано си со музика. Дали понекогаш посакуваш тишина?

-Да, ми треба тишина за да можам да размислувам. Во ова темпо што го живееме.

Лејла Сабит      Фото: Борис Грданоски