Јункер: Сите држави што сакаат влез во ЕУ, мора да престанат со билатерални конфликти
Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер изјави денеска во Софија дека по посетата на државите од Западен Балкан се враќа во Брисел со обновено уверување дека местото на тој регион е во Европската унија.
Тој додаде дека неговата порака дека членството на државите од регионот не е сон туку реалност што следува, е сфатена и соговорниците разбрале дека мора поголемо внимание да се посвети на спроведување реформи, а помалку на датуми.
– Датумите се помалку важни и од задачите што се пред тие држави. Не можеме да правиме никави отстапки во однос на условите за прием, бидејќи тоа не би било во интерес за државите од регионот и ЕУ, изјави Јункер на прес-конференција.
Тој истакна дека ЕУ останува приврзана за европска перспектива на државите од Западен Балкан. Според него, државите од регионот се во различна фаза од приближување до Унијата.
– Во сите држави констатирав сличен елан и желба за спроведување реформи кои мора да бидат имплементирани до членство, нагласи Јункер. Тој констатираше огромен напредок на сите партнери во регионот. Укажа дека мора да инсистира на борба против криминалот, корупцијата.
– Неопходно е сите држави што сакаат членство во ЕУ да престанат со билатералните конфликти. Не сакаме увоз на нестабилност што постои на Западен Балкан, туку сакаме да извезуваме на Балканот стабилност што сме ја постигнале низ процес на европска интеграција, објасни тој.