Ѓорчев со конгресмени во САД
Влатко Ѓорчев продолжи со активностите во рамки на неговата посета во Вашингтон, каде е повикан на традиционалниот појадок со американскиот претседате. На својот профил на „Фејсбук“ извести дека лично се познавал со триесетина конгресмени од САД, а поради краткиот претстој, имал можност да се види само со десетина од нив. Во Сенатот се познавал со десетина сенатори, а деновиве се сретнал со четири.
„Како претседател на Македонија се обврзувам дека групата во Конгресот на САД за пријателство со Македонија, ќе дојде до најмалку 70 конгресмени во првата година, а најмалку 100 конгресмени до крајот на мандатот. Во Сенатот ќе обезбедам најмалку 10 сенатори кои ќе бидат дел од групата за поддршка на Македонија. Македонија мора да има многу пријатели каде што се носат најважните одлуки за светската политика“, посочува Ѓорчев.
Претходно, се сретнал и со познатите американски водители, Такер Карлсон и Шон Ханити од Фокс њуз.
„Светот мора да ја слушне македонската вистина и македонските аргументи. Светот мора да ги слушне Македонците за подобро да ги разбере. Контактите и пријателствата кои сега се градат следната година ќе бидат основа на настапи и интервјуа на Фокс њуз. Како претседател на Македонија, ќе ги кажувам македонските позиции на Си-ен-ен, Би-би-си, Еуроњуз, Дојче Веле, за главните светски весници“, се пофали Ѓорчев.