Шпанија: Одложено тестирање болиди на Формула 1 поради обилни снежни врнежи


Движењето по речиси 300 патишта во Шпанија е отежнато поради обилните снежни врнежи, соопштија локалните власти.

Шпанската метеоролошка служба го зголеми метео алармот до „жолто“ или „портокалово“ во повеќе провинции. Поради снежните врнежи затворени се 23 патишта, а на 95 патишта возачите мораат да возат со синџири за снег.

Цивилната гарда на Шпанија, поради лошото време, одлучи да ја откаже средбата во градот Логрињо, на која требаше да учествуваат и премиерот Маријано Рахој и министерот за внатрешни работи Хуан Игнасио Соидо.

Поради снегот е одложено и предсезнското тестирање на болиди на Формула 1. Делови од патеката се прекриени со снег, поради што тимовите ги оставија болидите во гаражите. Организаторите не соопштија кога ќе почне тестирањето, а забраната останува во сила се додека не се подобри видливоста.

Утре требаше да заврши првото четиридневно тестирање, а вториот круг на тетсови би требало да почне во вторник, исто така во Барселона. Новата сезона на Формула 1 почнува на 25 март со трката за Големата награда на Австралија во Мелбурн.

Тешките метеоролошки услови ја отежнаа работата и на аеродромите во градовите Сан Себастијан, Памплона, Логриљо и на Канарските Острови.

Наставата е откажана во десетина училишта.

Шпанските медиуми јавија и за автомобилска несреќа, предвизикана од лошите временски услови, во која загинаа две лица.