Субвенции за поголема енергетска ефикасност во домовите


Министерството за економија и годинава ќе го субвенционира подобрувањето на енергетската ефикасност на домовите и во текот на месецов ќе ги објави огласите за надоместок на дел од средствата за купени и вградени сончеви термални колекторски системи и за надоместок на дел од средствата за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци што ќе бидат отворени до 31 август годинава, пишува МИА.

Овие два огласа се дел од Програмата на владата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2018 година преку која годинава првпат се додели надоместок на дел од трошоците за купување печки на пелети. За трите мерки од Програмата вкупно се предвидени 50 милиони денари што ќе се доделуваат преку Министерството за економија од кои 14 милиони се веќе искористени за субвенционирање на печки за пелети, додека за мерката за сончеви колектори се предвидени шест милиони денари, а за мерката за енергетски ефикасни прозорци 30 милиони денари. Сите мерки се доделуваат по принципот „прв дојден, прв услужен“.

– Преку мерките за субвенционирање на граѓаните за подобрување на енергетската ефикасност на домовите досега се доделени 70 милиони денари за вградување на соларни колектори со кои се поддржани 6.031 лица, како и 36 милиони денари за вградување на ПВЦ или алуминиумски прозорци со кои се опфатени 1.327 баратели, велат од Министерството за економија.

Субвенции за сончеви колектори ќе се доделуваат 10-ти пат

Мерката за надомест за купен и вграден соларен колектор, Министерството за економија ја спроведува 10 години, но за разлика од претходно, годинава е по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Надомест на дел од средствата за купен и вграден сончев термален колекторски систем ќе можат да остварат лицата кои го немаат искористено правото на поврат на дел од средствата по оваа мерка на претходните огласи што ги објави Министерството за економија во 2007, 2009, 2011, 2012, 2013, 2014, 2015, 2016 и 2017 година.

Едно лице може да поднесе само едно барање за добивање на надоместок. За да може да ги добие средствата ќе треба да ги има купено и вгрдено во својот дом колекторските системи по денот на објавувањето на јавниот оглас, заклучно со денот на неговото истекување. За тоа ќе треба да поднесе барање со изјава дека барателот го нема искористено претходно барањето за поврат на дел од средствата, што може да се подигне во архивата на Министерството за економија или да се обезбеди преку интернет страницата на Министерството www.economy.gov.mk. Покрај тоа, треба да достави оригинален доказ за купување на сончевиот колектор со фискална сметка и фактура за направените трошоци за негово вградување.

Министерството за економија ќе формира посебна комисија од три члена и нивни заменици која ќе има за цел да ја утврди исполнетоста на условите за надоместување на дел од трошоците од мерката и на министерот за економија да му предложи да донесе решени за исплата на утврдениот надоместок. Листата на баратели кои го оствариле правото на надоместок ќе биде објавена на веб страницата на Министерството за економија. Лицата кои имаат поднесено барање, а немаат уредна и комплетна документација нема да може да остварат право на надомест.

Со огласите во 2007 и 2009 година Министерството додели субвенции за вградување сончеви колектори во вкупен износ од по девет милиони денари на 1.000 баратели, односно по 500 годишно. Во 2011, 2012, 2013, 2014, 2015 и 2016 година висината на субвенцијата изнесуваше по шест милиони денари годишно со кои беа субвенционирани 420 баратели во 2011 година, 481 во 2012, 514 во 2013, 606 во 2014, 591 во 2015 и 625 баратели во 2016 година. Лани беа доделени субвенции во вкупен износ од 16 милиони денари на 1.794 баратели.

Субвенција за вградување енергетски ефикасни прозорци

Министерството за економија втора година по ред ќе ја спроведува и мерката за надоместок на дел од средствата за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци за што се предвидени 30 милиони денари кои ќе се доделуваат по објавувањето на огласот, заклучно со 31 август годинава по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Надомест на дел од средствата за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци ќе можат да остварат лицата кои го немаат искористено правото на поврат на дел од средствата по оваа мерка што првпат ја објави Министерството за економија во 2017 година.

Едно лице може да поднесе само едно барање за добивање на надоместок. За да може да ги добие средствата ќе треба да ги има купено и вградено во својот дом ПВЦ или алуминиумските прозорци по денот на објавувањето на јавниот оглас, заклучно со денот на истекување на огласот. За тоа барателот ќе треба да поднесе барање со изјава дека го нема искористено претходно барањето за поврат на дел од средствата по оваа мерка, што може да се подигне во архивата на Министерството за економија или да се обезбеди преку интернет страницата на Министерството www.economy.gov.mk. Покрај тоа, треба да достави оригинален доказ за купување на ПВЦ или алуминиумски прозорци со фискална сметка и фактура за направените трошоци за нивно вградување.

Министерството за економија ќе формира посебна комисија од пет члена и нивни заменици која ќе има за цел да ја утврди исполнетоста на условите за надоместување на дел од трошоците од мерката и на министерот за економија да му предложи да донесе решение за исплата на утврдениот надоместок. Листата на баратели кои го оствариле правото на надоместок ќе биде објавена на веб страницата на Министерството за економија. Лицата кои имаат поднесено барање, а немаат уредна и комплетна документација нема да може да остварат право на надомест.

Лани Министерството додели вкупно 36 милиони денари за вградени енергетски ефикасни ПВЦ или алуминиумски прозорци со кои беа поддржани 1.327 баратели.

Искористени парите за субвенционирање печки на пелети

Годинава првпат Министерството за економија доделуваше субвенции за купување печки на пелети. Јавниот оглас беше објавен на 31 на јануари годинава и требаше да биде отворен до 31 август, но сепак заврши многу порано бидејќи беа искористени сите предвидени средства што се даваа по принципот „прв дојден, прв услужен“. Министерствто на 21 февруари информира дека се искористени предвидените 14 милиони денари наменети за субвенционирање на дел од трошоците за купување печки на пелети во домаќинствата за годинава.

На оние кои купија печки на пелети и аплицираа со потребните документи, им се овозможи надоместување на дел од трошоците за купување печки на пелети до 50 проценти, но не повеќе од 500 евра во денарска противвредност по домаќинство за 2018 година.

По целосното исцрпување на средствата за оваа намена, како што најавуваат од Министерството за економија ќе бидат изготвени решенија за исплата на надоместокот за 430-те домаќинства кои ги исполниле условите утврдени со Програмата, а листата на баратели кои го остваруваат правото на надомест ќе биде објавена на веб страницата на Министерството.

– Целта на мерката за надомест на дел од трошоците за купување на печки на пелети, со кои ќе ги заменат старите печки на јаглен, дрва, нафта или мазут, беше да се стимулираат домаќинствата за користење на обновливи извори на енергија за затоплување на своите домови, кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени, велат од Министерството за економија.