СОНК се жали на селективни постапки на судии за наставници


Околу 1.700 наставници, чии договори истекуваат до крајот на август, чекаат да им биде трансформиран работниот однос од определено на неопределено време. Во исто време, преку канцеларијата на адвокатот Ванчо Шехтански се водат 120 судски постапки, тужби, по основ на трансформација, бидејќи по истекот на  договорите, вработени во основното и средното образование но и во детска заштита не добиле согласност за постојано вработување. На нивно место седнале нови наставници. Спорно е тоа што се распишуваат огласи во  моменти кога се поднесени барања за трансформација. Селективност има и во судските постапки, вели тој, бидејќи еден судија пресудува во нивна корист, а друг по сопствено убедување.

Проблемот настанал поради законски пречки. Комисијата која ги прима барањата за трансформација на оние што го исполнуваат условот со над две години стаж, а потоа ги доставува до ресорните министерства, не работела, односно не можела да одлучува 15 месеци од 2017 година. Не работела бидејќи во Изборниот законик се предвидува во тек на изборна година, да бидат сопрени сите трансформации на работен однос. Комисијата е составена од по еден член на СОНК,  Министерството за образование и наука, Државниот просветен инспекторат и на општината.

„Селективноста е во тоа што во ист суд, различни судии носат селективни одлуки. Имаме селективност во начинот на одлучување по ист основ и по основ на судска практика, која  е меродавна при одлучувањето во судските постапки“, изјави Шехтански.

Според него, „овде имаме сериозно кршење на член 6 и 7 од Законот за работни односи. На пример, договорот е до 28 февруари. Наместо да има постапка за трансформација  на лице кое работело  две, пет, па и осум години, се распишуваат огласи и тоа незаконски. Селективна е примената кај тие што имаат над пет години стаж, затоа што по автоматизам не се трансформира работниот однос, спорно е затоа што се распишуваат огласи  во  моменти кога се поднесени барања за трансформација“.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, рече дека освен техничкиот проблем да не  продолжи трансформацијата поради изборите, сега кога веќе нема никакви законски пречки, таа се одолговлекува со општинските комисии. Тоа, според него, е пресметано, се чека  да дојде  31 август,  да истече договорот  за вработување на определено време, па по тој основ од први септември да се вработи кој било или оној кого работодавачот ќе го сака.

„Не може да се распишува оглас и да се прима човек без единствен ден во образование, тоа е апсолутно спротивно на законот. Не може да се напаѓа систем кој функционирал  и направил осум илјади трансформации“, рече Неделков.

Неделков додаде дека не е вистина дека работниците се држеле во страв  и се искористувале за политички цели. Тој изјави дека од јануари 2009 година до март 2017 биле направени околу осум илјади трансформации.

Инаку, Владата пред десет дена ја прифати информацијата за вработувањата во основните и средните училишта и донесе одлука Министерството за образование и наука да побара согласност од Министерството за финансии за вработување на лица на неопределено работно време, во дејноста на основното и средното образование, за работни места за кои може да се оствари полно работно време.

Вероника Мароска-Леова