Скопје доби улица „Столтенбергова“


Улицата што ги поврзува Градскиот парк, градскиот стадион и кејот на реката Вардар ќе го носи името „Столтенбергова“, во знак на благодарност на скопјани за несебичната помош на норвешкиот дипломат Торвалд Столтенберг по катастрофалниот скопски земјотрес од 1963 година. Вчера на свеченото именување на улицата присуствуваше и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, син на норвешкиот дипломат.

Тој се заблагодари и искажа задоволство што Скопје и неговите жители ги паметат напорите на неговиот татко во обновата на постземјотресно Скопје.

„Скопје имаше посебно место во срцето на татко ми поради блискоста со градот по катастрофалниот земјотрес од 1963 година. Тој беше почестен од неговото прогласување за почесен граѓанин на Скопје и сигурен сум дека ќе му претставуваше голема чест што улица во Скопје ќе биде именувана по него“, кажа Столтенберг.

Генералниот секретар, заедно со градоначалникот Петре Шилегов, ја откри таблата која во чест на неговиот татко ќе стои во Градскиот парк.

„Во годината кога ја одбележуваме 55-годишнината од катастрофалниот скопски земјотрес се збогувавме и со големиот пријател и почесен граѓанин на Скопје, Торвалд Столтенберг. Неговите заслуги во обновата на Скопје по катастрофалниот земјотрес од 1963 се огромни. Скопјани го паметат по изградбата на детската болница во Козле, која е донација на кралствата Норвешка и Шведска, изградбата на норвешките бараки во Тафталиџе, како и координацијата на помошта на норвешкиот Црвен крст што пристигала во првите денови по земјотресот. Скопје секогаш ќе се сеќава на тие што му помогнале во неговите најтешки времиња. Токму затоа, оваа табла му ја подарувам на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за да знае дека тоа што го направи неговиот татко за овој град, никогаш нема да биде заборавено“, рече Шилегов. (С.Н.)