Руските дипломати протерани од Грција се обиделе да се инфилтрираат во разузнавањето


Додека грчката Влада очекува реакција на Москва по протерувањето на двајца руски дипломати и забраната за влез во земјата на други двајца поради мешање во внатрешните работи, се појавија нови детали околу обидите на руски дипломати да го наметнат влијанието на Москва во северна Грција, објави весникот „Катимерини“.

Во написот се наведува дека тие руски дипломати не само што се обиделе да поткупат претставници на црквата и на локалните власти во обид да го поткопаат договорот за името меѓу Атина и Скопје, туку и се обиделе да се инфилтрираат во Грчката разузнавачка служба и во вооружените сили на земјата. Според сознанија на „Катимерини“, направени се обиди да се поткупат поранешен разузнавач и претставници на армијата.

Според владини извори, обидите на Русија да го прошири своето влијание во северна Грција почнале пред одредено време и вклучувале учеството на етнички Грк, кој се преселил во земјата по распадот на Советскиот Сојуз. Создавањето на културни групи и други активности биле дел од големата кампања на Русија да го прошири своето влијание во регионот, кое, според Москва, би било нарушено со договорот за името, наведува грчкиот весник.

Се уште не е познато какви мерки ќе преземе Русија како одговор на протерувањето на дипломатите, посочува „Катимерини” и забележува дека тоа е една од најголемите дипломатски кризи во последните години.