Почна чешлањето на учебниците по историја
Заедничката комисија за образовни прашања и историја на Македонија и на Бугарија повторно на средба, овој пат втора, во Скопје. На маса од вчера попладне и денеска се разгледуваат наставните содржини во учебниците по предметот историја на Бугарија и на Македонија. Академик Драги Ѓоргиев, кој е на чело на македонскиот експертски тим, за „Независен весник“ вели дека најпрво ќе ги чешлаат учебниците хронолошки, од најмалите одделенија – петто, шесто – откога почнуваат учениците да учат историја. Втора точка на дневен ред за разгледување се можностите за заедничко чествување на настани и личности од минатото. Целта на разговорите е да се достават сугестии, совети, упатства до двете влади кои спорни моменти би можеле да се надминат во учебниците по историја.
Според него, еден од најчувствителните настани што ќе биде ставен на маса е Илинденското востание. Тој додава дека ќе дискутираат и за најспорните моменти во учебниците кои се користат во Бугарија по историја, а тоа е претставувањето на Македонија како бугарска земја.
„Ќе почнеме со разгледување и дискусија на содржините од најраниот период, она за кое ние сметаме дека е неприфатливо за наша страна, како и бугарската страна ако смета дека нешто не е прифатливо во нашите учебници за нивната историја. Ќе се трудиме, ако може да се најде решение, да се надминат тие недоразбирања. За некои настани мислам дека има простор, ама има и такви за кои ќе биде многу потешко. Ќе треба многу повеќе време, многу повеќе дискусии, можеби и одржување на советувања со специјалисти од одредени области за прашања кои ќе бидат најчувствителни. Пред сè, тука би било Илинденското востание. Во нивните учебници по историја е претставено како бугарско востание, во нашите – македонско востание“, вели Ѓоргиев.
Академик Ѓоргиев верува дека за најраниот период ќе има дискусија за цар Самуил и неговото толкување и различно претставување во учебниците.
„Во нашите учебници цар Самуил е претставен како македонски цар, а во бугарските учебници како бугарски цар“, додаде Ѓоргиев.
За втората точка, која се однесува на заедничко одбележување на поважни настани и личности, домашните експерти немаат предлог. Во текот на разговорите ќе се произнесат.
Средбите на членовите на комисиите се одржуваат во Клубот на пратеници, а кои сè настани ги опфатиле јавноста ќе знае откако комисиите ќе достават заедничко соопштение.
Првиот состанок на Заедничката комисија за историски и образовни прашања во Софија се одржа почетокот на јули. Тогаш вицепремиерката и министерка за надворешни работи во Бугарија, Екатерина Захариева, подвлече дека сега е најважно да се воспостави дух на доверба.
Инаку, Заедничката комисија има 14 члена, седум од македонска страна и исто толку од бугарска страна. Средбата што се одржува е во согласност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Македонија и Бугарија.
Вероника Мароска-Леова
Борис Грданоски-фоторепортер