МВР: Викендов посебен сообраќаен режим во Скопје поради три настани


Поради улична трка, автомобилистички натпревар и марш во рамки на кампања, во двата дена на викендот во Скопје ќе бидат затворени неколку важни улици и ќе има посебен сообраќаен режим, соопшти МВР.

За меѓународниот натпревар во автомобилизам „Скопје 2018“ во организација на АКК Примо АВЈ – Скопје и утре и задутре во периодот од 7 до 17 часот ќе биде затворен дел од булеварот Гоце Делчев, како и блиските сообраќајници. Трката ќе се одржува на потегот од крстосницата кај Мавровка сè до железничкиот надвозник кај поранешен Скопски саем, но и на улицата Беласица  пред него сè до кружниот тек кај хотелот Континентал. Посебен режим ќе има на блиските сообраќајници.

Исто така, поради уличната трка на 10 километри  „Скопје трча 10К 2018“ во организација на Сојузот на спортови на Скопје, задутре од 7.30 до 11 часот ќе биде затворен булеварот Илинден на потегот од крстосницата со булеварот Климент Охридски до крстосницата со улицата Никола Парапунов. И во овој случај, посебно ќе биде регулиран режимот на сообраќај на сообраќајниците во непосредна близина на трасата.

Во организација на здружението „Борка – За секој нов ден“ задутре во времето од 10 до 15 ќе се одржи марш во рамки на кампањата за борба против рак на дојка, насловена „Напред розово 2018 – чекори против ракот на дојка“. Поради тоа, ќе има посебен сообраќаен режим на делот на булеварот Илинден кај Зоолошката градина и стариот дел на Градски парк сè до крстосницата кај Фонтана, појаснуваат од МВР.