Поддршка од владејачкото мнозинство за договорот со Грција
Пратениците од вадејачкото мнозинство кои досега говореа на собраниската седница дадоа поддршка за ратификацијата на договорот со Грција бидејќи, според нив, со договорот ќе се обезбеди прогрес на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО.
Пратеникот од СДСМ Костадин Костадинов рече дека договорот е историски и е значаен за иднина и прогресот на државата на паток кон евроатлантските интеграции.
Денешната одлука, според него, е за македонската иднина, затоа што се решава нешто што воопшто не беше лесно.
– Најлесно ќе беше за нас како некои други политичари пред нас да го оставиме проблемот настрана, да продолжиме да живееме во минатото и да ја продолжевме голготата на граѓаните, рече Костадинов.
Тој од собраниската говорница им порача на граѓаните дека само тие преку референдум и никој друг ќе одлучат во каква Македонија сакаат да живеат и каква иднина сакаат.
Неговата сопартијка Фросина Ташевска – Ременски рече дека од осамостојувањето на Република Македонија, Собранието уште еднаш е исправено пред донесување историска одлука, која треба да го отвори и трасира патот кон европската иднина на граѓаните.
– Во овие клучни времиња за иднината и перспективите на македонската држава некои можеби сметаат дека политички, партиски и лично е најдобро да останат неми набљудувачи на процесите, да бидат критизери на овие клучни процеси или пак да бидат активни учесници во ова историско време за Република Македонија, рече Ташевска – Ременски.
Секој граѓанин, како што рече таа, има право да биде горд што учествува во политички процес во современата историја на својата земја, без негација на ниту еден носечки елемент од македонскиот национален идентитет.
Шпреса Хадри од ДУИ посочи дека нејзината пратеничка група дава безрезервна поддршка за ратификацијата за договорот за името со Грција, бидејќи тоа ќе значи интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО.
– Членството на земјава во НАТО ќе доведе до поголема доверба за домашните и странските инвеститори, што води кон подобар животен стандард и благосостојба на граѓаните, рече Хадри.
Пратеникот Самка Ибраимовски од Партијата за целосна еманципација на Ромите истакна дека ќе го поддржи договорот, затоа што Ромите секогаш се за Европската унија.
На „недемократите и шовинистите“, тој им порача дека местото им е во затворот во Шуто Оризари.
И пратеникот Амди Бајрам од Сојузот на Ромите од Македонија рече дека ќе гласа за договорот и ги повика сите ромски политички партии да дадат поддршка.
– Јас и ние Ромите во Македонија сме секогаш лојални на државата каде што живееме, рече Бајрам.
Тој од собраниската говорница им се заблагодари на министерот Никола Димитров и на премиерот Зоран Заев бидејќи, како што рече, направија Република Македонија, македонскиот народ и сите националности да видат благодет.
– Оптимист сум 72 до 75 посто дека референдумот ќе биде успешен, рече Бајрам.
На собраниската седница за ратификација на договорот со Грција не присуствуваат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.