Османи и Димитров во Брисел со министрите за надворешни работи на земјите од ЕУ


Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров денеска во Брисел ќе учествуваат на работниот појадок со министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ што го организираат министрите за надворешни работи на Грција и Романија, Катругалос и Малешкану.

Според МНР, Димитров ќе брифира за тековните достигнувања во контекст на евроинтеграциите, за спроведувањето на Договорот од Преспа, реформските резултати и генералните очекувања од земјите-членки во насока на донесување одлука за почеток на пристапните преговори со земјата во јуни оваа година.

Од Министерството за надворешни работи на Грција, пак, како што јави дописничката на МИА од Атина, соопштуваат дека на работниот појадок „пријатели на Северна Македонија, предмет на разговорите ќе биде интегративниот тек на земјата кон ЕУ и ќе се истакне важноста од спроведувањето на реформската агенда и на Преспанскиот договор“.

Димитров и Османи ќе бидат дел од владината делегација што ја предводи премиерот Зоран Заев на утрешниот редовен 15. состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу нашата земја и ЕУ. Со оглед на ротирачкото претседателство, со состанокот ќе претседава премиерот Заев, додека копретседавач ќе биде високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини. Советот ќе биде претставуван и од еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, а во владината делегација од македонска страна ќе биде и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

За време на престојот во Брисел предвидено е Димитров да оствари средба со Хан и да има средби со повеќе министри за надворешни работи од земјите-членки на ЕУ, како и други средби со претставници од европските институции.

Фото: Б. Грданоски