Околу 100.000 тони опасен отпад има во Србија
Во Србија има до 100.000 тони опасен отпад на 80 до 90 локации, беше истакнато денеска на 5-тиот Меѓународен форум МИТЕКО посветен на циркуларната економија под мотото „Денес одговорно. Утре одржливо”.
Претседателот на МИТЕКО, која е една од првите и водечки компании во Србија и регионот што се занимава со управување со индустриски и опасен отпад, Миодраг Митровиќ изјави дека не е познато колкаво количество опасен отпад постои, бидејќи станува збор воглавно за пропаднати претпријатија за кои никој не води сметка.
– Според нашите податоци, во Србија има меѓу 80 и 90 локации. На секоја локација проценуваме 500 до 1.000 тони опасен отпад. Не е познато колку почвата е контаминирана и сѐ уште има потреба да се тестира, изјави Митровиќ.
Според него, ако има приближно 100 локации со потенцијални 1.000 тони, тогаш во Србија најверојатно има 100.000 тони опасен отпад.
– Уште е поопасно ако сакаме да го промовираме земјоделството. Прво, мораме да ја исчистиме земјата од хемикалии. Исто така, загадувањето од осиромашен ураниум од бомбардирањето сега е помало од загадувањето со хемикалии кои отидоа во поплавите (претходните години) и разни протекувања, предупреди Митровиќ.
Тој наведе дека решавањето на овој отпад е долгорочна задача и дека на Министерството за заштита на животната средина му треба околу милијарда динари (околу 8,4 милиони евра) од својот буџет да издвои за решавање на овој „историски отпад”.