Новата зграда на НБРМ сѐ уште под земја


Сѐ уште не се наѕираат катовите на новата зграда на Народна банка вредна речиси 25 милиони евра која ќе биде во стилот на „Скопје 2014“. Уште се вршат градежните работи под земја. Непречено и без проблеми. Така барем велат од НБРМ.

„Текот на изградбата на новиот објект на Народната банка се реализира со нормална динамика, согласно активностите што изведувачот ги планира во месечните динамични планови. Изведена е темелната плоча и подземното ниво минус два. До крајот на март оваа година се очекува да бидат завршени градежните работи од двете подземни нивоа“, информираат од кабинетот на гувернерот. Оттаму посочуваат дека изведувачот, надзорот, проектантот и инвеститорот ги преземаат сите потребни чекори за да се запази рокот определен во договорот за градење. Тој предвидува, зградата да биде готова до средината на 2019 година. Од моментот кога е отпочната градбата, до денес, не се правени измени на проектот. „Објектот се изведува според проектот со кој е добиено одобрението за градба“, додаваат од НБРМ.

Зградата се гради врз основа на идејно решение на Лазар Димов и Никола Стакинов, кои се автори на повеќето зданија од „Скопје 2014“. Тоа предвидува новото седиште на банкарите да биде зграда со столбови, скулптури и класичен архитектонски стил. Објектот се издигнува на местото на паркот зад Министерството за надворешни работи и Македонската опера и балет. Висината на зградата ќе достигне 29 метри, односно ќе има седум ката.

Во меѓувреме, од банката не одлучиле што ќе прават со објектот во кој сега се сместени.


„До овој момент, сѐ уште не е донесена конечна одлука како ќе се постапи со постојниот објект по изградбата на новиот. Народната банка анализира какво постапување со објектот ќе биде најисправно, и тоа од повеќе аспекти, меѓу кои е и финансискиот. Кога ќе биде донесена конечна одлука за тоа, јавноста ќе биде информирана“, велат од НБРМ.

Во неколку наврати досега, како можна опција за судбината на сегашната зграда на Централна банка, се наведуваше дека дел од секторите на банката ќе продолжат да функционираат во старата зграда, бидејќи тоа ќе биде неопходно. Но не се отфрла можноста дел од зградата да оди на продажба. Одлука за тоа ќе треба да донесе Советот на НБРМ по изградбата на новата зграда.

Инаку, постојниот објект на Централна банка е изграден во седумдесеттите години кога таа беше дел од системот на Народна банка на СФРЈ и остана познат како „Југобанка“. Пред речиси десет години НБРМ почна да планира изградба на нов објект и потрага по соодветна локација.

Со владина одлука, на НБРМ во 2012 година ѝ беше понудена локација на плоштадот „Македонија“, но банкарите ја одбија. Само една година потоа, НБРМ ја прифати сегашната локација каде што се гради новата зграда.

Деспина Трајковска-Димова