Невидливите министри на ДУИ


Хазби Лика, вицепремиер за Рамковниот договор, иако шест месеци не се појавувал на седници на Владата, барем е препознатлива политичка фигура, за разлика од други негови колеги од ДУИ во извршната власт. Тие можеби се редовни на владините седници, ама се непрепознатливи во јавноста – и како политички профили и од аспект на нивните „постигнувања“ во изминатата речиси една и пол година од владеењето на СДСМ во коалиција со ДУИ. Единствено вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи може да се посочи како исклучок кој го потврдува „правилото“ за неекспонираност на функционерите на ДУИ во извршната власт.

Не се знае дали Лика, кој е поранешен градоначалник на Тетово, а едно време и заменик-министер за внатрешни работи, како предводник на владиниот Секретаријат за спроведување на Рамковниот договор, воопшто бил консултиран при подготовката на нацрт-амандманите на Уставот, со кои е предвидено вклучување на договорот од Охрид во Преамбулата. Тој, впрочем, во август годинава не беше присутен на одбележувањето на 17-годишнината од потпишувањето на договорот, поради, како што се шпекулираше тогаш, несогласувања меѓу неколку фракции во тетовското крило на ДУИ. Лика, како предводник на една од фракциите, наводно, имал и лични несогласувања со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Не се знае со сигурност ниту дали Лика има заслуга за прераспределувањето на близу 1.700 рамковни вработени, со оглед на тоа што портпаролот на владата Мухамед Хоџа летоска беше доведен во ситуација да ги демантира информациите дека еден од вицепремиерите не оди на работа.

И примерите со другите министри на ДУИ се далеку од блескави. Кога ќе се спомене на пример Министерството за животна средина – првата асоцијација е заменик-министерот Јани Макрадули од редовите на СДСМ, наспроти министерот Садула Дураки. Ниту искуството на Дураки како министер за земјоделство во претходната влада на СДСМ и па пратеник во периодот 2006-2008 година не беа доволни за тој да излезе од сенката на неговиот заменик.

„Сметката“ на Дураки за угостителски услуги е за околу илјада евра пониска од таа на Лика. Но многу покус е и распоредот на настани на кои тој учествувал од јануари до мај годинава, во споредба со Макрадули кој, пак, и во изминатите седмици, кога загадувањето на воздухот во Скопје и во други градови во земјата одново зема замав, повторно е ставен во позиција да ги вади „жешките костени“.

Ниту новиот министер за образование Арбер Адеми, иако има минат стаж како вицепремиер за европски прашања во последната влада на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и како заменик во образовниот ресор, не остави позначаен впечаток во јавноста во последните шест месеци. Можеби најактуелен беше во почетокот на оваа учебна година, кога беше постојана цел на критика на опозицијата поради проблемите со учебниците и реконструкцијата на училишните објекти. Неговите скромни трошоци како заменик-министер за образование (најновите податоци во алатката се за периодот јануари-мај) не ја оправдуваат и неговата скромна активност во ресорот што го предводи, а кој е еден од најчувствителните и подложен на постојани реформи.

Министерот за економија Крешник Бектеши, пак, се чини, беше најспомнуван кога беа првпат објавени податоците за трошоците на функционерите. Тогаш излезе дека Бектеши изнајмил најскап стан во Скопје (за близу 25 илјади денари месечна кирија), во споредба со другите министри од внатрешноста. Бектеши беше тогаш и второрангиран министер во неколку категории на трошоци на сметка на буџетот, како за исплата на дневници за патување во странство, за мобилен телефон и за угостителски услуги. И овој пат, трошоците на Бектеши за првите пет месеци од оваа година се значително повисоки од тие на други негови колеги од ДУИ во владиниот кабинет. Министерот за економија потрошил околу 76 илјади денари на авионски карти и уште близу 50 илјади денари за дневници за патувања, како и над 125 илјади за хотелско сместување во странство. Но, за волја на вистината, и неговото „портфолио“ со обврски е подебело во овој период во споредба со други министри, иако не е меѓу најистурените фигури во Владата.

Можеби еден од најнепрепознатливите ресорни министри во овој владин кабинет е предводникот на Министерството за локална самоуправа – Сујхел Фазлиу. Единствено, во последните неколку седмици тој имаше почести појавувања во јавноста, откако владата, со предлог-ребалансот на буџетот, префрли дел од средствата за враќање на долговите на општините.

Последната анкета на Асоцијацијата за граѓанска толеранција и соработка го промовира министерот Бектеши како „лидер по непрепознатливост“ меѓу министрите. Него не го препознаваат 53,4 отсто од испитаниците, наспроти 40,8 проценти кои не го препознаваат новиот министер за култура од редовите на Беса – Асаф Адеми.

Муслиу: Има светли точки во таборот на интегративците

– Оваа гарнитура на ДУИ во владата, во никој случај, не е најслаба досега. Ако го тргнеме настрана случајот со Хазби Лика, за кој сметам дека е резултат на одредени внатрепартиски состојби на локално ниво, сметам дека меѓу министрите и замениците на ДУИ има солидни кадри кои добро се носат со функцијата – оценува аналитичарот Алберт Муслиу.

Тој како позитивен пример го посочува Бујар Османи. Во тој контекст, вели дека посебно би го издвоил и истакнал спикерот Талат Џафери, иако тој е претставник на законодавната власт.

– Сум правел анализи. Ова во никој случај не е најслабата плејада на ДУИ. Сетете се само на последната постава на ДУИ во владата на ВМРО-ДПМНЕ, кога за министри беа поставени мошне млади и неискусни кадри. Тоа беше најслабиот состав. Затоа сега има повеќе позитивни примери, како што се министрите за економија и за образование или заменик-министрите за внатрешни работи и за одбрана – вели Муслиу. Тој посочува дека не треба да се генерализира, затоа што, како што вели, има слабости и во работата на некои од министрите на СДСМ.

– Можеби Заев, Димитров и Османи се ѕвездите на владата и на овој процес, меѓутоа има и други светли точки на „Илинденска“ – вели Муслиу.

Лика доаѓал на работа, ама не одел на седници

Хазби Лика, заменикот на претседателот на владата задолжен за спроведување на Рамковниот договор и за политички систем, редовно ги извршува сите административни обврски во Владата на Македонија. Ова е кусиот одговор што го добивме вчера официјално од прес-центарот на „Илинденска“.

Неофицијално, пак, владини извори од таборот на ДУИ тврдат дека Лика редовно доаѓал на работа во Секретаријатот за Рамковен договор, ама дека само повремено се појавувал на владини седници. Неговите отсуства од седниците, како што наведуваат нашите соговорници, веројатно, се поради други обврски, со оглед на тоа што владините седници се одржуваат најмалку еднаш седмично и траат по неколку часа.

– Лика беше постојано присутен во кампањата на ДУИ за време на референдумот, и покрај шпекулациите дека има несогласувања меѓу него и Али Ахмети. Сè додека нема евентуален предлог за негово разрешување и додека Собранието не донесе таква одлука, Лика е вицепремиер за Рамковен договор – велат владини извори.