На функционерите на ДУИ никој не сака да им суди
Судењето за изборните нерегуларности во Чаир – „Титаник 3“, во кое им се суди на функционери од владејачката ДУИ, по многу одложувања, обвинувања на релација СЈО – суд и закани од адвокатите кон обвинителите, се враќа на почеток.
Судечкиот судија Оља Ристова побара, а судот го прифати нејзиното барање за изземање од предметот. Ристова ја погодиле изјавите на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева која фрли сомнеж за постапувањето на судијката и го обвини судот дека со тоа што не воспоставувал ред во судница го охрабрил еден од адвокатите во предметот да им се заканува на обвинителите на СЈО што го водат овој предмет, Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.
„Судијата Ристова смета дека со ваквото неосновано медиумско влијание за предмет, за кој и онака секоја расправа се одвива во присуство на претставници на медиуми, невладини организации и меѓународни претставници во земјата, се врши директен притисок и се доведува во прашање нејзината независност и непристрасност во постапувањето, што отвора сомнеж во јавноста“, соопштуваат од Основниот суд.
И Кривичниот суд го споделува истото мислење со судијката Ристова и изјавите на СЈО ги разбира како обид за директен притисок врз неа. Судот застанува во одбрана на Ристова и тврдат дека им излегла во пресрет на сите барања на странките, а редот во судницата никогаш не бил доведен во прашање.
Сепак, за да се отстрани и најмал сомнеж, судот го усвоил барањето и судијката Ристова нема да постапува во овој предмет. Сега предметот, кој стигна до доказна постапка, ќе почне од почеток и ќе биде распореден кај друг судија. Судскиот процес против координаторот на пратеничката група на ДУИ, Ејуп Аљими и Исмет Гури, кои се обвинети за уништување изборен материјал на локалните избори во Чаир 2013 година, го следеа низа контроверзии. Судењето беше одложувано неколку пати бидејќи Аљими имаше обврски како пратеник и координатор на пратеничката група. Само што почна судењето, втората судијка во случајот, Гордана Спиреска, беше приморана да го напушти рочиштето поради влошената здравствена состојба на нејзиниот сопруг, адвокатот Ефто Спировски. По ова одложување, судечкиот совет за овој случај беше сменет со рокада што ја направил претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев.
На местото на Спиреска, за втор судија беше поставена судијката Љубинка Башеска, која му судеше на сегашниот премиер Зоран Заев во предметот „Пуч“. По неколку месеци судијката, Спиреска беше избрана за член на Судскиот совет, тело во кое треба да одлучува за избирање и разрешување на своите колеги и да ја следи и оценува нивната работа. Судењето продолжи со новиот судечки состав, но органите не успеаја да го доведат еден од клучните сведоци кој е во Германија и не се појавува во суд за да даде исказ. За друг од сведоците Специјалното јавно обвинителство изрази сомнеж дека врз него бил извршен притисок или некој му се заканувал, откако жената сведок заборави сè што се случувало на денот на изборите.
Обвинителот од СЈО, Љубен Лапе, тврдеше дека таа дала исказ дека се плаши од агресивноста на Исмет Гури, а пред судот и јавноста не се сеќаваше на ништо ниту дека така рекла пред обвинителите од СЈО ниту, пак, дека го знаела Исмет Гури. Последниот скандал на ова судење се случи кога обвинителите на СЈО обелоденија дека адвокатот на Аљими, Мефаил Арслани, им се заканувал на обвинителите надвор од судницата. На Фетаи ѝ пратил „абер“ за Бубевски „Ти си наша и не знаеме што да ти правиме, ама на каурот ќе му ја расплачеме фамилијата“. Овие закани се случиле два месеца пред да бидат откриени, а обвинителот Бубевски поднесе и кривична пријава против Арслани. Јанева во јавноста тврдеше дека цело време имало сигнали од обвинителите дека нема ред во судницата и го осуди судот бидејќи порано не реагирал на заканите.
Аљими и Гури се единствените функционери на ДУИ кои се обвинети во предметите на Специјалното јавно обвинителство. Истрагите што ги отвори СЈО против лидерот на ДУИ, Али Ахмети и актуелниот вицепремиер Бујар Османи најверојатно ќе пропаднат ако не ги заврши редовното обвинителство откако Врховниот суд донесе правно мислење дека СЈО нема надлежност врз предметите што ги отворило по 30 јуни 2017 година.
Фросина Факова-Серафиновиќ