Катругалос: Балканот од буре барут во Европа да биде регион што праќа позитивни пораки


Во пресрет на министерскиот состанок во Солун, кој почнува вешерва, а на кој ќе учествува и шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос говореше во интервју за грчкото радио „Сто кокино“.

Катругалос, кој ќе биде домаќин на министрите од Македонија, Албанија и Бугарија, вели дека намерата е преку редовните разговори, Балканот од буре барут во Европа, да стане регион што испраќа позитивни пораки, јави дописничката на МИА од Атина.

Алтернативниот шеф на грчката дипломатија, додава дека состанокот е редовна средба на која се промовира соработката меѓу земјите од регионот за прашањата поврзани со безбедноста и стабилноста, но се разгледуваат и други теми.

„Заедно со нас, со министрите за надворешни работи, ќе ги имаме и министрите за економија за да разгледаме прашања поврзани со економската соработка во регионот. Претходните средби повеќе беа фокусирани на темите за соработка на министрите за внатрешни работи и цивилна заштита, на прекуграничните теми. Она што сакаме е редовно да разговараме, за Балканот повеќе да не биде буре барут во Европа. Напротив, да биде регион, која испраќа позитивни пораки до Европа и светот“, вели Катругалос.

Четвртиот министерски состанок, вечер започнува со свечена вечера на која алтернативниот шеф на грчката дипломатија ќе ги пречека министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Никола Димитров и Екатерина Захариева и заменичката министерка за надворешни работи на Албанија, Драло.

На состанокот во Солун, освен Катругалос, од грчка страна ќе биде и алтернативниот министер за економија и развој, Стерјос Пициорлас.

„Разговорите на министрите за надворешни работи ќе се фокусира на прашања од заеднички интерес и за случувањата во поширокиот регион, а акцентот ќе се стави на прекуграничната соработка и регионална координација против предизвиците што ги надминуваат границите на секоја земја, како ние кои произлегуваат од континуираната нестабилноста на Блискиот Исток. Исто така, ќе се дискутира и за европската перспектива на Западен Балкан“, соопштуваат од грчкото МНР.

Паралелно со состанокот на шефовите на дипломатиите, средба ќе имаат министрите за економија и развој од четирите земји, а според грчкото МНР, тие ќе разговараат „за изнаоѓање начини за зајакнување на екстровертноста, на енергетската соработка и поврзување на четирите економии, преку подобрување на инфраструктурата и искористување на дигиталната технологија“.

Работниот дел на министерскиот состанок ќе започне утре наутро со говор на алтернативниот шеф на грчката дипломатија, по што ќе следи средбата на министрите за надворешни работи, потоа предвиден е состанок на министрите за економија и развој, додека пак на крајот од работниот ден, домаќинот Јоргос Катругалос ќе одржи прес конференција.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА, на маргините на состанокот ќе се одржат и билатерални средби.