Кампања има, за преглед се чека со месеци


Вкупно 1.356 нови случаи на заболени жени од рак на дојка се регистрирани во 2018 година, покажуваат податоците во Националниот систем за електронски евиденции. Во периодот од први јануари 2017 година до крајот на септември годинава закажани се над шеесет илјади прегледи за повеќе од осум илјади пациенти заболени од малигна неоплазма на дојка. Најмладата пациентка е на 17-годишна возраст, а највозрасната има 97 години. Министерот за здравство Венко Филипче рече дека ракот на дојка е најчестиот дијагностициран рак кај жените, а раното откривање е предуслов за навремено почнување со терапија и успешно лекување на болеста. Ракот се лекува, подвлече, а најважно е навремено да се открие. Раната детекција ја намалува смртноста и до 30 отсто. Затоа секоја жена покрај редовните контроли треба да прави и преглед на дојките.

За проблемот на кој се пожалија жени што биле оперирани од рак на дојка, дека бараат иновативните лекови да бидат ставени на позитивна листа и да се намали чекањето за преглед кое трае до четири месеци, за мамографија или за ехо, Филипче рече е зголемен бројот на термини во клиниките и во Клиниката за радиологија, со што времето за чекање ќе се намали, а пациентите со малигни заболувања ќе имаат приоритет во закажување на снимањата.

„Во Министерството за здравство сме целосно посветени на спроведување на превентивната програма, на подобрување на системот на закажување на снимање за овие пациенти и напорно работиме на формирање на комисијата за позитивна листа на лекови. Неколку дена во прекин беше работата на компјутерската томографија, заради инсталација на нов апарат, кој е значително подобар и со поголем капацитет од стариот. Притоа и стариот ќе го поставиме на ново место, со што ќе се дуплира капацитетот“, рече Филипче.

Пациенти со рак на дојка, излечени од оваа болест и граѓани поддржувачи, вчера по десетти пат учествуваа во традиционалната прошетка „Напред розово“ за подигање на свеста во борбата против ракот на дојка во Македонија. Кампања за борба против рак на дојка е организирана од Здружението „Борка – за секој нов ден“ и Амбасадата на САД во Македонија. Учесниците испратија порака за подигање на свеста во борбата против ракот на дојка во Македонија.

„Согласно заложбите на нашата земја за влегување во ЕУ и за доближување до европските стандарди, ќе треба и македонските пациенти да ги добијат основните европски услови во здравствениот систем и истите терапевтски можности, како и пациентите од ЕУ бидејќи попусто ќе бидат сите ветувачки пораки на политичарите, здравствените менаџери“, рече Биба Додева од Здружението „Борка“.

„Сите ние сме погодени од ракот на дојка и сите ние можеме да помогнеме во подигање на свеста и превенцијата“, порача американскиот амбасадор во земјава Џес Бејли.

Од канцер на дојка пред 10 години била оперирана и Снежана Стојаноска. Таа вели дека лани не успеала да закаже термин ни за мамографија ни за ехо, не отишла ни на контрола.

„Сега се соочувам со истиот проблем. Лани не успеав да закажам термин за мамографија и за ехо. Не отидов ни на контрола. По читање многу книги, го пребродив тој страв, сепак, морам да одам на преглед. Трипати сум оперирана, ама една година не можеш да закажеш термин, па на крај се откажуваш. Сега имам направено мамографија, а ехо не можам да закажам“, вели Стојаноска.

Надлежните изнесоа податоци кои покажуваат дека најчеста причина за смрт од малигни заболувања во периодот од 2010 до 2017 година е малигна неоплазма на дојка. Па така, во 2010 година бројката на заболени од оваа болест изнесувала 308 жени, во 2015 година 281, во 2016 година 338, додека лани стапката е намалена на 279 жени.

 

Новите лекови што продолжуваат животи надвор од позитивната листа

Пред пет дена од Здружението „Борка – за секој нов ден“ побараа од институциите да ги стават на позитивна листа новите иновативни лекови, кои даваат можност да им се продолжи животот на пациентките со метастатски карцином. Потенцираа дека неопходен е национален регистар на пациенти со
канцер и имплементација на Националната стратегија за контрола на ракот во Македонија.

Вероника Мароска-Леова