Како Рамковниот влезе во Уставот?


Владата ги одби предлозите на двете опозициски партии од албанскиот блок – Беса и Алијансата за Албанците за дополнителни амандмани на Уставот со етнички предзнак и без директна поврзаност со преспанскиот договор, со образложение дека не треба да се отвора Пандорината кутија. Затоа, пак, во преамбулата на Уставот влегува Рамковниот договор, како еден од конститутивните елементи на државата, иако тој не е директно поврзан со договорот од Преспа.

За познавачите на уставното право нема ништо спорно во тоа што договорот од Охрид, чии одредби во анексот А подолго од една и пол деценија се составен дел на македонскиот Устав, отсега ќе биде дел и од преамбулата. Затоа, пак, противниците на договорот со Грција и на неговото спроведување го дочекаа внесувањето на договорот од пред 17 години во нацрт-амандманите како отворање на Пандорината кутија.

Според поранешниот министер за правда Михајло Маневски, новината што во последен момент беше внесена во нацрт-амандманите претставува продолжение на т.н. тиранска платформа, односно туркање на агендата на ДУИ. Наспроти тоа, вели Маневски, Охридскиот рамковен договор со ништо не се поврзуваше со, како што оценува, капитулантскиот договор од Преспа. Маневски посочува дека вклучувањето на Рамковниот договор во нацрт-амандманите се случи само два дена откако Заев прво го негираше Бујар Османи кој го најави ваквото барање.

– Охридскиот договор е преточен во уставни одредби и не може таков договор да претставува елемент на конституирање на Македонија. Како еден документ од 2001 година може да се смета за конститутивен елемент на државата? Па, оваа држава не е конституирана во 2001 година – вели Маневски.

Од друга страна, универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски, еден од творците на македонскиот Устав, кој учествуваше подоцна и во креирањето на рамковните амандмани, вели дека нема ништо проблематично во вклучувањето на договорот од Охрид во воведот на Уставот, независно од тоа што овој документ не е директно поврзан со договорот од Преспа.

– Додавањето на Рамковниот договор во преамбулата, всушност, го балансира она што е албанска интенција во обезбедувањето на потребното мнозинство за уставни промени, а најмалку проблематично во споредба со другите предлози. Во суштина, тоа не е воопшто проблематично, затоа што Рамковниот договор, спомнат или неспомнат во воведниот дел од Уставот, е еден од конститутивните елементи на државата, преточен во уставни членови. Тоа не може да биде воопшто спорно, ако се има предвид дека во преамбулата остануваат и другите конститутивни фактори, како АСНОМ или 8 Септември – вели Фрчковски.

Слично на тоа, и универзитетскиот професор по уставно право Светомир Шкариќ смета дека не пречи што во процесот на промена на Уставот е опфатен и договорот од Охрид. Тоа, како што оценува, веројатно е резултат на договор што бил постигнат во текот на консултациите меѓу владата и парламентарните партии околу подготовката на нацрт амандманите.

– Тој договор не е во корелација со договорот со Грција, ама веројатно е резултат на инклузивноста за која зборуваше Заев. Рамковниот договор има многу празнини, ама тоа е веќе завршена работа. Сепак, неговото спомнувањето во преамбулата има и добри страни, со оглед на позитивните принципи што ги содржи овој документ во почетниот дел. Таков е, на пример, принципот дека нема територијални решенија за етничките прашања – што е многу битно за Македонија – вели Шкариќ.

Тој посочува и на други рамковни принципи што се позитивни во однос на спомнувањето на договорот во уставната преамбула. Такви се, на пример, одредбите според кои целосно и безусловно се отфрла употреба на насилството за остварување политички цели или дека суверенитетот, територијалниот интегритет на Македонија и унитарниот карактер на државата се неповредливи и мора да се сочуваат. Професорот Шкариќ очекува текстот на амандманите што Владата ги поднесе во парламентот да се подобрува во понатамошниот тек на постапката и оценува дека процесот засега се движи во добра насока.

Рамковниот договор беше потпишан летото 2001 година, како политички документ со кој беше ставен крај на безбедносниот конфликт во Македонија. Потоа беше реализирана најтемелната уставна реформа во Македонија, така што во Уставот влегоа дваесетина нови членови што, главно, ги третираат правата на помалите етнички заедници во земјава, а пред сè на албанската заедница како втора по бројност во Македонија. И тогаш се интервенираше во воведниот дел од Уставот, така што преамбулата што беше изгласана во тоа време е сè уште во сила, додека не биде коригирана со амандманот што моментно е во нацрт-фаза.

Одлуките се заменуваат со Прогласот на АСНОМ

Во нацрт-амандманот 34, кој го подготви Владата, во преамбулата на Уставот зборовите „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“, по зборот „година“ се додаваат зборовите „и на Охридскиот рамковен договор“, а се бришат зборовите „одлучија да“.

Со овој амандман треба да се коригира сегашниот текст на преамбулата која гласи: „Граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Македонија и одговорни пред идните генерации за зачувување и развој на сè што е вредно од богатото културно наследство и соживот во Македонија, еднакви во своите права и обврски кон заедничкото добро – Република Македонија – во согласност со традицијата на Крушевската Република и одлуките на АСНОМ и на Референдумот од 8 септември 1991 година, одлучија да ја конституираат Република Македонија како самостојна, суверена држава, со намера да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, да се обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот, преку своите претставници во Собранието на Република Македонија, избрани на слободни и демократски избори го донесуваат овој Устав“.    Александра М. Митевска