Заев: Треба да се осигураат уште четири гласа за уставните измени


Премиерот Зоран Заев не е сѐ уште сигурен дека ќе има двотретинско мнозинство за донесување на уставните амандмани. Моментно се сигурни 76 пратеници, но не и 80 гласа колку што се неопходни на финишот на процесот за промена на Уставот. извори.
Заев вечерва во емисијата „Отворено“ на 24 Вести изјави дека, врз основа на сите информации што ги има, постои основа за сомневање дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е вмешан во бегството на поранешниот премиер Никола Груевски. Бегството на Груевски било помогнато од однадвор, но со оглед на тоа што тој бил премиер долг временски период имал доволно луѓе да му помогнат и од одвнатре.

Премиерот нагласи дека Мицкоски имал средби и со премиерот на Унгарија Виктор Орбан и со премиерот на Србија, Александар Вучиќ, но по средбите не објавил за што зборувале. Нагласи дека тој не може да тврди дека на тие средби и се разговарало нешто за бегството на Груевски, но додаде дека врз основа на информациите со кои располага има основа за такво сомнвеање.

Рече дека се сомневал оти Груевски ќе побегне, дека имало такви индиции, дека бил следен и обезбедуван, но дека немало конкретни информации како сето тоа би се реализирало.

-Имам потреба да кажам и повеќе, ама не смеам затоа што истрагата се уште трае. Не е номално што тој побегна од државата, но ќе видиме кој е виновен, ако има некој истрагата ќе покаже и тој ќе си понесе одговорност, рече Заев.

Смета дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не е одговорен за бегството на Груевски, нагласувајќи дека ефектите од неговата работа се големи и додаде дека МВР дејствувало согласно сопствените капацитети, но сепак и на начин на кој нема да ги прекрши човековите права.

-Ќе чекаме и ќе бараме начин да се спроведе екстадицијата, а при тоа да не го нарушиме пријателството. Унгарија треба да гласа за протоколот за членство во НАТО, нагласи Заев и додаде дека нема да бара специјална средба за Груевски со Виктор Орбан, но оти следува Давос и други важни меѓународни конференции на кои ќе има можност да се види со унгарскиот премиер и да ја отвори оваа тема.

Заев говореше и за Законот за амнестија, нагласувајќи дека во вакви моменти, кога земјата е соочена со можноста за остварување на стратешките цели, е потребно сите да си подадат рака. На забелешката дека Законот за амнестија е слика на пратеник кој го стиска копчето за поддршка на уставните измени и дали би било подобро тоа отворено и чесно да се каже, Заев рече дека тој секогаш отворено зборувал дека ова меѓудругото се случува и за уставните измени и додаде дека потребата од уставни промени е одговорност на сите кои се поставени на функции.