Заев: Никој што работи чесно нема да биде избркан
Премиерот Зоран Заев вели дека Владата нема намера да отпушта работници и оти никој, кој чесно работи и си ја заработува платата нема да биде избркан, но, како што посочи сите треба редовно да доаѓаат на работа.
Тој одговарајќи на новинарско прашање дали и зошто од работа во Владата се отпуштаат Роми кои претходно биле вработени, рече дека има само предлози за отказни решенија. Најави дека ќе има средба со нив меѓу Нова година и Божик и оти ќе се обиде да им појасни дека согласно законот ако некој не се појави на работа три последувателни денови треба да добие отказ.
– Сега со овие предлози за отказни решенија повторно закажавме состанок меѓу Нова година и Божик. Јас ќе се видам со луѓето лично да им кажам дека ако земаат плата мора да доаѓаат на работа. Тоа се наши граѓани, јас не ги делам на Македонци, Роми, Албанци и Турци. Мора да доаѓаат на работа и чесно да си ја извршуваат работата за која граѓаните преку даноците ги плаќаат, рече Заев.
Додаде дека никој што ќе сака да работи чесно и да си ја сработува својата работа за која македонските граѓани го плаќаат нема да биде избркан.