Георгиевски: ВМРО-ДПМНЕ да го остави СДСМ да го реши името
ВМРО-ДПМНЕ да го остави СДСМ да го реши проблемот со името, е советот што ѝ го упати вечерва поранешниот премиер Љубчо Георгиевски на својата матична партија, на чие чело беше до 2003 година.
„ВМРО-ДПМНЕ како опозиција треба, со блага критика, да ги остави СДСМ и другите владејачки партии да најдат решение за спорот со Грција. Тој проблем треба да се надмине, а времето тече, така што ако оваа владејачка гарнитура не најде компромис за името, тоа прашање ќе остане да го решава ВМРО-ДПМНЕ кога ќе дојде време да се врати на власт“, изјави Георгиевски, гостувајќи во емисијата „Фактор“ на ТВ24.
Поранешниот премиер, во мандатот 1998-2002 година, рече дека кога тој преговарал со Грција во обид да се надмине долгогодишниот спор најголеми опструкции имал од тогаш опозицискиот СДСМ и од тие кои сега се залагаат да се реши проблемот.