Вучиќ за опозицијата: Не сакам да ги слушам нивните глупости, подготвен сум да одам на избори


Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека „не му паѓа на ум“ да попушти под притисок на опозицијата и, како што рече, „да ги слуша нивните глупости“, но дека е подготвен да им даде можност да се покажат на избори, бидејќи тоа е најдемократскиот начин за решавање на такви прашања.

– Ако некој знае што е подемократско од изборите, нека ми каже. А потоа не чини дури и кога тоа ќе им го кажете. Но, со стап нема да можете. Тоа можевте да го сонувате некогаш, но повеќе никогаш нема да можете, рече Вучиќ во изјавата од Абу Даби, каде се наоѓа во официјална посета.

Тој додаде дека метафорично зборувал за изборите, ако бил изложен на „некаков притисок”, но исто така, повтори дека не сака да го загрози јавниот долг на Србија и да се додворува за да купи уште шест месеци или една година да биде на власт.

– Ако сакате народе да гласате за овие крадци, гласајте за кого сакате. За нас Косово е најважна тема, па потоа е „дуинг бизнис листата“, истакна Вучиќ.

Тој наведе дека за можното распишување на избори разговарал со партиските колеги и на кратко со премиерката Ана Брнабиќ.

– Да видам само како на тоа поле стојат работите, ништо повеќе од тоа. Луѓето се за избори, но ќе видиме …, рече Вучиќ.

Тој ја коментираше и изјавата на косовскиот премиер Рамуш Харадинај за еврокомесарката Федерика Могерини, дека е виновна за прекид на дијалогот. Српскиот претседател оцени дека таа воопшто не е виновна за тоа, туку само Белград и Приштина.

– Нека размислат добро во Приштина кој е виновен. Нека размислат добро кој е оној што сакаше договор и оној што не сакаше, изјави Вучиќ за Радио Телевизија Србија.

Тој изрази надеж за поголемо разбирање во иднина и дека Приштина ќе сфати дека не може да постигне ништо со „насилни и незаконски мерки”.

Вучиќ оцени дека ЕУ само ги нуди своите добри услуги.

– Дали понекогаш ние бевме под притисок? Па секако дека бевме, но секогаш на тоа можете да се спротивставите. На крајот сето тоа зависи од Белград и од Приштина. Ние немаме таков личен однос со Могерини и нејзиниот тим. Им благодарам што го трошеа времето и што им даваа значење на нашите разговори, рече Вучиќ.