Владините спин-доктори ги вратија сенките од минатото


Фоторепортерите се изборија за својата локација пред Клубот на пратениците, но остана пораката која им ја испрати владиниот советник Марјан Забрчанец: „Единаесет години ве газеа, ќутевте, сега ли најдовте да зборите“.

Фотографијата со оставените фотоапарати на земја на фотографот Ѓорѓи Личовски, која беше објавена на порталот „Сакам да кажам“, отвори интернет-војна меѓу фоторепортерите, новинарите и претставниците на владината прес-служба.

Фоторепортерите кои пред започнувањето на лидерската средба во Клубот на пратениците влегле во конфликт со претставниците на владината прес-служба, велат дека им било забрането да ги фотографираат политичарите како излегуваат од своите возила при влегувањето во Клубот на пратениците, пракса која секогаш постоела при следењето на лидерските средби.

Објаснувањето било дека таков бил протоколот од безбедносни причини. Во знак на револт дел од фоторепортерите си заминале, со забелешка дека во изминатите години никогаш не се случило да им забранат да ги сликаат лидерите на партиите како излегуваат од автомобилите.

Кога фоторепортерите си заминале, Забрчанец им дофрлил: „Единаесет години ве газеа, ќутевте, а сега ли најдовте да зборите“.

Сите фоторепортери што си заминаа потврдуваат дека Забрчанец го кажал тоа, а според неговата верзија неговата порака била: „Ние не се изживуваме со новинарите како што тоа се случуваше во изминатите 11 години“.

„На самиот влез, безбедносните служби проценија дека просторот кај влезот треба да се ослободи, но тројца фотографии одбија да се упатат во зградата каде што се сите останати претставници на медиумите. Реагираа бурно со напад дека сме се изживувале, на што јас одговорив дека станува збор за безбедносна проценка, а не за мој личен став и дека ние не се изживуваме со новинарите како што тоа се случуваше во изминатите 11 години“, напиша Забрчанец.

Веднаш по лидерската средба Забрчанец се видел со фоторепортерите и се договориле заедно да договараат подобри теренски локации за фоторепортерите согласно безбедносните стандарди.

За помалку од 12 часа двете „завојувани“ страни ги смирија страстите и се договорија. Пред почетокот на новата лидерска средба вчера, Владата организираше посебен брифинг со фоторепортерите и за десетина минути се договориле на фоторепортерите да им биде овозможено да ги фотографираат лидерите од аголот што го бараа фоторепортерите.

Со заедничка фотографија на социјалните мрежи ја известија јавноста дека ги надминале разликите. Фоторепортерите велат дека не отстапиле од своите ставови и објавија дека локацијата е вратена, а Забрчанец напиша: „Дијалогот носи успеси“.

Другите фоторепортери што ги чекале лидерите на партиите да ги сликаат внатре во Клубот на пратениците велат дека безбедноста на средбата била засилена, а внатре на средбата било фотографирано како и во минатото.

Политичките новинари кои постојано ги следат лидерските средби што редовно се одржуваат во Клубот на пратениците сведочат дека безбедноста на завчерашната лидерска средба била засилена. Новинарите се проверувале со детектори за метал и детално се проверувале чантите на новинарките. Ваквите безбедносни мерки не се вообичаени при следењето на лидерските средби. Политичките новинари слободно известуваа деноноќно од средбата во Пржино каде што имаше европски политичари и амбасадори.

Новинарката Душица Мрѓа, која ги следи политичките настани долго време, пишува дека пред лидерската средба на новинарите не им било дозволено да влезат внатре, но направиле притисок за да можат да ја следат средбата внатре во Клубот на пратениците.

„При влезот имаше проверка по телото со детектори за метал. Сум била на многу лидерски средби, вклучително и на маратонските средби во Пржино, кои се одржуваа пред куќата на амбасадорот на ЕУ каде што тој живее и каде што беа присутни и еврокомесарот Јоханес Хан и европратеници. Никогаш немало проверка по тело на новинари со детектори за метал. Завчера теренот беше обележан поради безбедносна проценка, камерманите и фоторепортерите на самата врата не смееја да сликаат и да снимаат“, пишува Душица Мрѓа.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не ги коментираше лидерските средби и политичките настани и вели дека лидерската средба била обезбедувана според стандардни процедури.

„Безбедноста била на ниво на која процениле службите во МВР“, изјави Спасовски.

Сите еснафски здруженија – Здружението на новинарите на Македонија, Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници, Советот за етика во медиумите и Агенцијата за аудиовизуелни услуги, го осудија завчерашниот инцидент.

ЗНМ предупредува дека ваквите инциденти се директен напад врз слободата на медиумите и обид да се криминализира работата на медиумските работници, кои пред јавноста се претставуваат како опасни луѓе.

„Ваквите непотребни инциденти сериозно ја компромитираат и заложбата на новата власт за транспарентно и отчетно владеење и ни ги враќаат сенките од минатото“, реагира ЗНМ.

Според ЗНМ, ако имало безбедносни причини за воведување нова практика на следење на јавни настани, тогаш полицијата навремено требало да ги извести фоторепортерите и снимателите за тоа и да обезбеди алтернативен начин на покривање на настаните со ваков безбедносен ризик, без да се предизвика забуна и нервоза.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници порачува дека новинарите не молчеле ниту во минатото, а нема да молчат ни сега.

„Ако 11 години се боревме против газењето на новинарската заедница, во услови на, како што власта љуби да каже ‘режим’, тогаш во оваа ‘демократија’ ќе бидеме уште погласни и непомирливи во борбата за достоинство на секој припадник на професијата. Во изминативе години многу неправди, притисоци и злосторства врз медиуми и медиумски работници се извршени под максимата ‘согласно Уставот, законите и процедурите’ поради што најостро отфрламе секаков обид ароганцијата, затвореноста и третирањето на новинарската фела со потценување да бидат објаснети со безбедносни или каков било друг вид ‘процени’“, пишува Синдикатот.

Советот за етика во медиумите порачува дека работата на новинарите, фоторепортерите и другите медиумски работница мора да биде ослободена од какви било закани и притисоци.

„Служењето на претставници на власта со непримерен речник и дрскост во односот со медиумските работници е недозволиво, што е, исто така, во спротивност со одредбите во Етичкиот кодекс за државниците службеници“, пишува Советот.

Македонската асоцијација на новинари, чиј претседател е осудената новинарка Ивона Талевска, го повика министерот Спасовски да ја „провери подготвеноста на полицајците кои го обезбедуваат премиерот, а претседателот на Владата да ја провери подготвеноста на советникот Марјан Забрчанец да ја извршува својата работа“.

Ова е еден од поголемите „судири“ меѓу медиумите и власта на која додека беше во опозиција слободата на медиумите ѝ беше една од омилените теми.

Фросина Факова – Серафиновиќ