Активистите против „Еуромакс“: Не ни требаат вашите донации
Граѓаните што се против отворање на рудникот „Иловица-Штука“ го сметаат за гест на лажно доброчинителство донирањето приклучна машина од „Еуромакс рисорсис“, концесионерот на рудникот, за ЈП „Комуна“ од општина Ново Село. Активистите од еколошките друштва бараат отчет од градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев „зошто направил таква срамотна работа“ и ја прифатил донацијата.
„Голем број од луѓето се незадоволни од сервилноста на нашиот градоначалник што прима такви донации. И тоа се симболични средства, 1.200-1.300 евра и не е нешто без што општината ќе пропадне“, ни изјави Костадин Ристоманов, претседател на еколошкото здружение „Еко долина“ од Ново Село.
Концесионерот „Еуромакс рисорсис“ донирал приклучна машина за трактор која се употребува за мелење гранки.
„’Еуромакс’ во повеќе општини, а особено во Босилово и Ново Село, каде што се стационирани, во континуитет дава донации, зашто имаат програма за соработка со локалната заедница. Иако сѐ уште не почнале да работат и немаат профит, сакаат на ваков начин да се наметнат и да се покажат како доброчинители на општината, за да ги прифатат граѓаните. Но, кога тоа некој го прави, вие однапред имате прашање дали е тоа во ред и која е целта. Досега ние не ни знаевме за таквите донации. Отпосле дознавме дека претходниот градоначалник, кој беше од село Мокрино, случајно, нели, прифатил донација од 5.000 евра за водоводна мрежа, која минува токму каде што е неговиот имот. Му дале и машина за рамнење на селските патишта што тој си ја употребуваше на неговите ниви. ‘Еуромакс’ даде и 10.000 евра за едно собиралиште за млади. Сите овие донации на симболични средства не значат ништо на општината, ама нè иритира тој гест на лажно доброчинителство, бидејќи тие однапред знаат што ни подготвуваат со отворањето на рудникот и стратегијата им е ‘ајде да ги омекнеме’ само за да ги скријат своите расипани намери. Оттука и незадоволството на народот“, вели Ристоманов.
Иако реакцијата на граѓаните е насочена кон градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев, тој нè преупати да бараме изјава од директорот на Јавното комунално претпријатие „Комуна“, кое го склучило договорот со „Еуромакс“ и кое ќе ја користи машината.
„Ние како општина не правиме селекција на донациите – овие се од непријатели, а овие се од пријатели. Секој што дава тоа е благодат за самата општина, во случајов за комуналното претпријатие. Ќе мора да разговарате со директорот на јавното претпријатие. Ниту сум одлучил да ја земам донацијата ниту можам. Иако ова ЈП е формирано од советот на Општина Ново Село. Тие што реагираат против мене го прават тоа со некаква цел“, вели градоначалникот Стојчев, додавајќи дека најверојатно станува збор за политички мотивирани реакции.
Директорот на ЈП „Комуна“, Панчо Стојков, не беше достапен за изјава. Објаснување не добивме ниту од „Еуромакс рисорсис“.
(А.С.)