Зошто потфрли наплатата од ДДВ
Наплатата на даноците годинава заклучно со 27 април покажува зголемување за 1,71 процент во однос на наплата во истиот период 2022 година, покажуваат податоците на Управта за јавни приходи. Сепак, кај ДДВ-то има големо потфрлање.
Кај данокот на добивка има зголемување на наплатата од 8,43 проценти, а кај данокот на личен доход за 13,8 проценти. Пониска е наплатата кај данокот на додадена вредност за 4,12 отсто, брифираше денеска директорката на УЈП, Сања Лукаревска на средба со новинарите.
Според УЈП, намалувањето се должи поради намалениот износ на платен ДДВ при увоз, а во исто време повисок износ на вратен ДДВ.
Така, кај првите 13 даночни обврзници кои што имаат најголем пад на платен ДДВ при увоз намалувањето е над 100 милиони денари поединечно. Овие даночни субјекти се од неколку стопански дејности: производство пренос и трговија на електрична енергија, производство на сурово железо, феро лигури и обоени метали, трговија на мало со моторни горива и мазива во специјализирани продавници.
„Овие 13 даночни обврзници во 2022 година имаа ДДВ при увоз од 4,07 милијарди денари, додека во 2023 година ДДВ-то од увоз е во износ од само 266,1 милиони денари. Значи, разликата е 3,8 милијарди денари и од таму е тој процент“, вели Лукаревска.
Од друга страна Управата за јавни приходи ја зголеми редовноста на поврат на данокот на додадена вредност, што е и нивна обврска и која е многу повисока оваа година во споредба со претходните години.
Ваквата разлика во уплатениот данок на додадена вредност, како што објасни Лукаревска, се должи на регулаторни измени во време на еенргетската криза, односно на ослободување од ДДВ при увоз и воведување механизми за пренесување на даночната обврска за увозот на гас и електрична енергија преку системот за пренос и системите за дистрибуција.
Станува збор за променет режим на оданочување заради енергетската криза, појасни Лукаревска.