Зошто опозицијата во Унгарија беше драматично поразена

Коалицијата против Орбан никогаш не требаше да бара насоки од Брисел и не разбра што се случува по селата


BКандидатот за премиер на здружената опозиција Петер Марки-Зај

 

Западниот коментаријат едноставно не можеше да поверува. Орбан повторно – нова убедлива победа. Едноставно беше незамисливо, тврдеа тие, дека во демократија една партија може да владее со супермнозинство во парламентот 16 години – ако сметаме во четирите години што сега ќе следат по триумфот на Орбан на унгарските избори на 3 април.

Пред изборите, долговечноста на владата на Орбан беше доказ дека Унгарија е „корумпирана автократија“, според Даниел Фројнд, германски европратеник на Зелените, кој отпатува во Будимпешта со неговиот другар, Тони Хофрајтер (ко-лидер на Зелените во германскиот Бундестаг), за да ја помогне кампањата на унгарската опозициска Франкенштајн коалиција на либерали, поранешни комунисти, реформирани расисти и сè измеѓу, ги аналзира резултатите од изборите и кампањата пред нив познатиот унгарски новинар и писател Борис Калноки, кој е шев на школата за медиуми Колеџ Матијас Корвинус.

Калноки вели дека главниот проблем на опозицијата бил што таа била целосно некохерентна, без јасна формулирана порака, но не се осврнува на апсолутната доминација на Орбан во медиумите што се под јавна капа, ниту пак на прекројувањето на изборната мапа. Сепак, неговата анализа нуди важен поглед зошто Виктор Орбан е толку многу популарен во големата провинција, а несакан меѓу урбаните жители.

Што вели понатаму Калноки:

„Доналд Туск, лидерот на Европската народна партија (ЕПП), исто така пружи рака на помош, говорејќи на митинг во Будимпешта. Хилари Клинтон испрати твит во кој ги повика Унгарците да го исфрлат Орбан од власта. На англиски. Брилијантна идеја. Слични твитови имаше и од актерите Џон Клиз и Марк Руфало.

Целата кампања на опозицијата се засноваше на наративот дека Западот е подобар, а Унгарија треба да биде исто како него. ‘Избери ја Европа!’ беше главниот слоган на кампањата. Орбан беше ‘Напред Унгарија!’. Тоа повеќе им се допадна на Унгарците. Исто така, се чинеше дека им се допаѓа класично конзервативната порака на Орбан за ветување дека ќе ја брани нацијата од опасностите што доаѓаат – како што се илегалната миграција, војната во Украина, родовата пропаганда во училниците, алчните корпорации и ‘колонијализмот’ на ЕУ.

Тоа беше една од најголемите грешки на опозицијата – што побара помош од странство, особено од бриселскиот меур.

Сепак, како опозицијата успеа да направи уште полош резултат од изборите во 2018 година? Едноставно – со тоа што на прво место се направи грешка со формирање на шестпартиски сојуз. Противниците на Орбан мислеа дека шест партии ќе им донесат шест пати повеќе гласови. Но, политичката математика не функционира на тој начин.

Јобик – некогашната расистичка, антисемитска, антиромска, анти-ЕУ партија – плати горчлива цена за обидот да се приклучи на клубот на либерално-зелено-левичарските урбани елити. Бидејќи Јобик не беше ни на гласачкото ливче како партија, неговите следбеници ја напуштија. Тврдокорните фанови мигрираа во новата екстремно десничарска партија, Ми Хазанк (Нашата татковина). Попристојните меѓу нив мигрираа во владејачката партија Фидес. Јобик сега остана со девет пратеници во новиот парламент – многу помалку од 26-те што ги освои во 2018 година.

Партијата оттогаш го обвини лидерот на коалицијата, Петер Марки-Зај, градоначалник на еден мал град, за неговите многубројни гафови и чудни настапи во јавноста. Тоа се фер критики. Но, Јобик ги претвори своите и онака безнадежни изборни изгледи во катастрофа, откажувајќи се од својот суштински политички идентитет. И така гласачите се стопија.

Тогаш, во општеството се појави чувството дека една парталава коалиција од шест партии никогаш нема да може да понуди вистинска стабилност. Ова беше вистински проблем за опозицијата, особено со војната на прагот на Унгарија, во Украина.

Сепак, главно, Орбан беше премногу добар за да се победи дури и при најдоброто сценарио. Тој дизајнираше уникатен политички модел. Американските и британските конзервативци се собираат во Будимпешта за да го проучуваат тоа. Ги комбинира основните идеи на политичката десница со основните идеи на политичката левица.

Тоа секако функционира за економијата. БДП на Унгарија расте за два процентни поени побрзо, во просек, отколку на еврозоната (или помалку се намалува, во време на рецесија) уште од 2013 година.

Успешната фраза на Бил Клинтон – ‘Тоа е економијата, глупчо’ – исто така е и на Орбан. Што прави Орбан што е различно? Тој ги намали трошоците за социјална политика (конзервативна идеја), но тој следи стратешки интервенционистички пристап кон економијата (обично поврзан со левицата).

Значи, даноците и бенефициите за невработеност се ниски – тоа е конзервативниот аспект. Но таму каде што навистина е важно за граѓаните, државата интервенира.

Цените на енергијата за домаќинствата се ограничени со политички декрет. Уништувачките заеми деноминирани во странска валута – итро понудени од западните банки, целосно свесни дека повеќето клиенти ќе бидат оштетени од нив – се забранети (а курсот за кој било од овие веќе дадени заеми е фиксиран под пазарната вредност преку политички декрет).

Резултатот беше целосна вработеност – затоа што компаниите можат да си дозволат да вработуваат благодарение на нискиот даночен товар, а луѓето треба да работат бидејќи бенефициите за невработеност се многу мали. Сепак, граѓаните сè уште чувствуваат дека државата ги штити од грабливи корпорации.

Во реалноста, владата заштитува и (некои) корпорации. Унгарија е меѓу најпријателските земји за инвестиции во Европа. Но само во секторите каде што унгарската економија не може да го направи она што го можат странските инвеститори. Унгарските компании не можат да произведуваат автомобили. Германците можат. Но, банките? Услужната индустрија? Унгарците можат да ја завршат работата исто толку добро. И така, владата прави приоритет да ги зајакне домашните претприемачи и иновативните стартапи.

Аргументот на Орбан е дека БДП е важен – но она што е поважно е колку од него останува во земјата и завршува во домаќинствата.

Друга клучна причина за доминацијата на Орбан е тоа што тој воспостави цврсто присуство во селата, до последното село. Ниту една партија пред Фидес не се ни обиде да го стори тоа. Опозицијата е урбана. Фидес е вкоренет во рурална Унгарија, искористувајќи ја базата на гласачи што не постоела пред Орбан. Во минатото, многу селани едноставно воопшто не би гласале. Тие го поддржуваат Орбан затоа што тој направи приоритет да го минимизира јазот во богатството меѓу селата и големите градови.

За таква стратегија е потребно време, трпение и многу организација. Опозицијата никогаш не почувствувала неопходно да изгради големо присуство надвор од градовите и никогаш немала логистички капацитет да го стори тоа дури и да сакала.

За да го победи Орбан, опозицијата треба да почне од нула, да ги разбира луѓето на село, да го научи нивниот јазик и да го зборува“, заклучува Борис Калноки.