„Златна малина“ за Шкендија


Прашањето „може ли подобро“ што со години е присутно во македонскиот клупски фудбал, па ако сакате и веќе одомаќинето како вечна дилема, од ова лето е се наметната потреба од преформулација во „може ли полошо“. Македонија Ѓорче Петров, Шкупи и Академија Пандев како да играа за „најдобра споредна улога“ на некој филмски фестивал оти за повеќе беа апсолутно неконкуренти, а Шкендија е посебна приказна. Понуденото од тетовци, пак, е за „Златна малина“, награда што во филмската индустрија се доделува за најслабо остварување. Ако од ѓорчепетровци, чаирчани и струмичани и се очекуваше да траат колку просечна македонска плата, од „црвено-црните“, секако, не. Имаа ждрепка што им беше наклонета за полнење на клупската каса во квалификациите за Лигата на шампиони, но и за нов плејоф во Лига Европа, но, се чини, премногу се опуштија и тоа ги удри по нос.
И добар дел од медиумите ја немаат прележано детската болест при претставување на егзотичните противници на македонските екипи по ждрепка за европските фудбалски купови. Чести се написите за полупрофесионални клубови или екипи, полупрофесионални лиги, статуси на полупрофесионалци или аматери на играчи во функција на лајкови и кликови. Со истакнување на нечии професии (пожарникар, рибар, банкар, болничар, бравар, водоинсталатер, итн.) се потсмева противникот, без притоа да се води сметка за сопственото што важи за професионално и тренира по двапати во денот. Таквиот потсмевнувачки однос кон ривалите, пак, се одразува на неосновано билдање на надменоста кај прволигашите кои себеси се сметаат за класа над претставници од Естонија, Летонија, Литванија, Исланд, Белорусија, Грузија, Ерменија, Азербејџан и сличните на нив. Но, сега се покажа дека и тим од Луксембург може да биде неминлива пречка и тоа за шампионот.

Две шлаканици што горат како тешко подносливото сонце

Номе Калју, па Диделанж. Две шлаканици во едно лето за Шкендија што, фудбалски, горат како и тешко подносливото сонце. Колку и да сакаат во Тетово да го релативизираат тоа или да бараат некаква тенденција во написот, сепак, ниту самите не очекуваа таков расплет. Можеби не помислуваа дека ќе биде лесно, но, секако, се надеваа во нови осум меѓународни настапи (плејоф за Лига Европа), па зошто да не и групна фаза за повторување на успехот на Вардар. Меѓутоа желбите се едно, можностите друго, а противниците и нивната реална слика нешто трето. Првите две се секогаш легитимни во спортот, за односот кон вторите две треба доследно почитување и на пораката на УЕФА за респект. Но, и за самопочит, за почит кон управата, кон навивачите, кон обврската за што подобра и подостоинствена промоција и на клубот и на државата.
Прволигашката сцена не смее и не треба да биде поле за локално препукување дали титулата ќе заврши во Скопје, во Тетово, во Струмица или во некој друг град. Или, пак, за задоволување на нечии желби за европска авантура и земање на средства од УЕФА наградниот фонд за учество што се трошки за екипите од земји во развиениот фудбалски свет или екипите од земји во фудбалски развој за какви се прикажуваат и македонските. Треба да биде поле за натпревар на квалитет и конкурентност пред да се оди на полигонот за мерење на европски фудбалски вредности.

Четири меча, четири гола, сите четири од прекини

И за крај за последниот час и пол на Шкендија во Европа за ова лето. Заврши без победник (1:1) во реваншот со Диделанж, но и со три исклучувања како одраз на недисциплина што се надоврза на фрустрациите од немоќ и очајна реализација на тетовци. Четири гола на четири меча, сите четири од прекини и сите четири на Агим Ибраими. Поранешниот македонски репрезентативец погоди трипати од белата точка, а во ремито на стадионот „Жоси Бартел“ во Луксембург од слободен удар. Првиот стрелец на „црвено-црните“, сепак, поцрвене набргу по израмнувачкиот гол заедно со Валмир Нафиу, откако претходно беше исклучен и Висар Муслиу за комплетирање на мизерниот впечаток на македонскиот првак во ова лето.

Сашко Ѓ. Димовски