Зголемен повратот на МојДДВ за домашни производи на 20 отсто, за другите намален на 10 отсто


Физичките лица кои дале согласност за донирање на вратениот ДДВ во првиот квартал од 2020 година добија можност да го променат одговорот најдоцна до 30 јуни 2020 година и да се стекнат со право на враќање на ДДВ на нивните трансакциски сметки најдоцна до 30 јули 2020 година. Ова беше усвоено на денешната владина седница, со донесени измени и дополнувања на Уредбата со законска сила за примена на Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица за време на вонредна состојба.

– Оваа уредба е дополнета со одредба и заради поттикнување на прометот на домашни производи и услуги со што враќањето на ДДВ за промет на домашни производи и услуги се зголемува од 15 проценти на 20 проценти, а за останатиот промет враќањето на данокот се утврдува на 10 проценти од пресметаниот ДДВ искажан во фискалната сметка, посочија од владината прес-служба.

Владата денеска ја дополни и Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на граѓани и вработени лица со низок доход, млади лица и здравствени работници преку издавање на домашна платежна картичка наменета за купување на македонски производи и услуги за време на вонредна состојба, со што се опфаќата и студентите од третиот степен во високото образование, односно и студентите што се на постдипломски студии на возраст до 29 години.

Направена е и измена и дополнување на Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од Коронавирусот КОВИД-19 за време на вонредна состојба, со што рокот за користење на финансиската поддршка на овие лица се проширува и за месец јуни.

На предлог на Агенцијата за млади и спорт, на седницата е донесена Уредба со законска сила за финансиска поддршка на здруженијата и фондациите за мерка за справување со КОВИД-19 кризата, насочени кон младите за време на траење на вонредна состојба, со која се уредуваат критериумите и постапката за финансиска поддршка за проекти за млади на оваа тема со исплата на грантови во износ од 300.000 денари.