Зголемен обем на активности кај давателите на финансиска едукација


Фото: Б. Грданоски

 

Народната банка во декември 2022 година спроведе Анкета за активностите за финансиска едукација во текот на изминатата година спроведени од страна на регулаторните институции, како и субјекти од приватниот и граѓанскиот сектор кои се вклучени во финансиската едукација.

Според резултатите од Анкетата активностите за финансиска едукација во текот на минатата година се зголемени кај 77 отсто од анкетираните даватели на финансиска едукација. Дополнително, 19 отсто од анкетираните субјекти се изјасниле дека планираат да ги зголемат нивните активности за финансиска едукација на населението. Овие резултатите упатуваат на зголемени напори на сите учесници во финансискиот систем, како и на граѓанските здруженија, за подобрување на финансиската писменост на населението, што е во прилог на успешно спроведување на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија.

Во однос на прашањето на кој начин ја обезбедуваат финансиската едукација на населението, најголем дел од анкетираните субјекти одговорија дека финансиската едукација ја остваруваат најчесто преку објавување едукативни текстови, материјали и видеозаписи на социјалните мрежи (27%  отсто) и на интернет (23 отсто), како и преку одржување едукативни предавања со физичко присуство (23 отсто). Помал дел од субјектите упатиле и на одржување на онлајн предавања (15 отсто), како и директна комуникација со клиенти (12 отсто) што е покарактеристично за приватните финансиски субјекти. Ова покажува дека давателите на финансиска едукација се прилагодуваат на потребите и преференциите на различни возрасни групи на населението и следствено користат и современи и класични канали на финансиска едукација, на тој начин обезбедувајќи нејзина поголема достапност.

За натамошно зголемување на финансиската инклузија, учесниците во најголем број се изјаснија дека е потребна поголема финансиска едукација на населението (46 отсто), а потоа и обезбедување поголема транспарентност на финансиските субјекти (23 отсто). Дополнително, според анкетираните, за зајакнување на финансиската инклузија потребна е и заштита на потрошувачите (14 отсто) и дигитализација и воведување на финтек-услуги (13 отсто од одговорите).

Овие резултати се во линија со веќе согледаните напори за зголемување на активностите за финансиска едукација во нашата земја. Воедно, Народната банка продолжува со активностите за заштита на потрошувачите, поголема транспарентност на давателите на финансиски услуги и дигитализација, согласно предвиденото во Стратегијата, се посочќува во соопштението до медиумите.