Зеленски верува дека војната ќе заврши во 2025 година


Претседателот на Украина Володимир Зеленски изјави денеска дека верува оти има шанси војната да заврши во 2025 година.

Тој го соопшти ова за време на разговор со странски медиуми во рамките на третата меѓународна конференција за безбедност на храната „Жито од Украина“, пренесува Укринформ.

„Што се однесува до кога ќе заврши војната… Кога Русија сака да заврши оваа војна. Тогаш, кога Америка ќе има посилна позиција. Тогаш, кога Глобалниот југ ќе биде на страната на Украина и на страната на завршување на војната, истакна Зеленски.

Тој нагласи и дека е сигурен дека порано или подоцна сите овие дејствија ќе се случат и дека ќе се донесат одлуки.

„Ќе биде тежок пат, но сигурен сум дека ги имаме сите шанси да го направиме тоа следната година“, рече Зеленски.

Тој прецизираше дека постојат соодветни чекори за ставање крај на војната содржани во украинската мировна формула, но во исто време разбира дека Русија нема да ги преземе сите овие чекори. Тој додаде дека сите чекори што ги презема Киев се засновани на Повелбата на ОН.

„Отворени сме за предлозите на лидерите на африканските, азиските и арапските земји. Сакам да ги слушнам предлозите на новиот претседател на Соединетите Американски Држави. Мислам дека ќе ги видиме веќе во јануари и ќе имаме план да стави крај на оваа војна“, заклучи Зеленски.