Зеленски повика на „промена на режимот во Русија“ и конфискација на рускиот имот


Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ја повика меѓународната заедница да работи на „промена на режимот“ во Русија и да го конфискува нејзиниот имот.

Зеленски се обрати преку видео врска на конференцијата на ОБСЕ во Хелсинки, со која се одбележува 50-годишнината од Хелсиншкиот договор, историскиот договор од 1975 година меѓу Западот и советскиот блок, со кој беше призната неповредливоста на границите, принцип кој беше прекршен со руската агресија врз Украина.

– Верувам дека Русија може да биде принудена да ја заврши оваа војна. Таа е таа што ја почна и може да биде принудена да ја заврши, рече Зеленски неколку часа по новиот напад со ракети и дронови врз Киев, во кој загинаа шест лица.

– Но, ако светот не сака промена на режимот во Русија, тоа значи дека и по завршувањето на војната, Москва ќе продолжи да ги дестабилизира соседните земји, додаде тој.

Зеленски, исто така, повика на заплена на рускиот имот.

– Време е за конфискација на рускиот имот, не само замрзнување. Конфискација и користење во служба на мирот, а не на војната, истакна тој.

Конференцијата во Хелсинки ја отвори Елина Валтонен, претседавач со Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ) и финска министерка за надворешни работи. Во Финска пристигна и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Хелсиншкиот договор од 1 август 1975 година го потпишаа 35 држави, меѓу нив Советскиот Сојуз и САД, што резултираше со основањето на ОБСЕ. Меѓу клучните начела содржани во конечниот документ од Хелсинки се државниот суверенитет, неупотребата на сила и неповредливоста на границите.

– Државите учеснички меѓусебно ги сметаат сите свои граници и границите на сите европски држави за неповредливи и затоа сега и во иднина се воздржуваат од каков било напад врз тие граници, се наведува во текстот.

Овие обврски беа доведени во прашање со руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година, што предизвика најсериозна криза во историјата на ОБСЕ.

Русија, исто така, е застапена во Хелсинки, но портпаролката на нејзиното Министерство за надворешни работи минатата недела најави дека нема да испрати висок претставник.