Зеленски многу се надеваше од посетата на Вашингтон. Резултатите се очајни

Украинскиот претседател со соочи со ситуацијата како функцинира администрацијата во Вашингтон кога политичките сили се поделени. Патот до нова помош ќе биде многу тежок


 

Третата посета на Володимир Зеленски на Вашингтон од почетокот на војната во Украина, моежеби најдобро се опишува со еден збор – очај. Тоа беше, всушност, последниот обид за Украина да добие нова воена помош од Конгресот пред да пресуши моментално одобрениот износ.

Претседателот на Украина е очаен бидејќи судбината на неговата нација може да виси на конец. Неговиот американски колега Џо Бајден е очаен бидејќи ја гледа украинската војна како клучно бојно поле во светскиот конфликт меѓу демократиите и автократските режими.

На крајот на денот, сепак, ниту еден од нив не можеше да се пофали со никаков успех и покрај напорите.

Кога Зеленски дојде во Вашингтон минатата година, му аплаудираа на заедничката седница на двата дома на Конгресот и беше почестен со прием на црвениот тепих во Белата куќа. Набргу потоа, САД одобрија пакет помош од 50 милијарди долари што помогна да се зајакнат напорите на Украина за враќање на територијата заземена од Русите на почетокот на нивната крвава инвазија.

Овој пат сè беше многу поинаку. Тој разговараше со американските сенатори зад затворени врати. Имаше средба со републиканскиот претседател на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, кој не се ни појави во јавноста со украинскиот претседател.

Неговиот прием во Белата куќа беше исклучително скромен, со минимални помпа. Не е баш дека го тапкаа Зеленски по грбот и му посакаа среќа, но и не беше далеку од тоа. Зеленски патуваше низ половина свет, но изгледите Украина да добие поголема воена поддршка од САД не се подобри.

Што сакаат демократите, а што републиканците?

Атмосферата на неговата посета одговараше на расположението во Вашингтон, каде дополнителното финансирање за Украина е поврзано со внатрешната борба околу американската имиграциска политика.

Додека демократите беа подготвени да потрошат повеќе пари за безбедноста на границите како дел од пакетот воена помош од 110 милијарди долари за Украина, Израел и Тајван, републиканците сакаат фундаментална реформа за тоа како американската влада ги обработува мигрантите без документи кои бараат политички азил.

По средбата со Зеленски во вторникот наутро, републиканските сенатори јасно ставија до знаење дека иако сочувствуваат со маката на Украина, тие ја гледаат ситуацијата на границата со САД како итна грижа за националната безбедност.

„Му се восхитувам, но тој воопшто не го промени моето мислење за тоа што треба да правиме“, изјави за Би-Би-Си републиканскиот сенатор Линдзи Греам од Јужна Каролина, кој долго време се сметаше за надворешнополитички јастреб. „Знам што треба да се случи за да се постигне договор. Сакам да ја обезбедам нашата граница“.

Не е само имиграцијата

Во овој момент, барем, републиканците, чии гласачи се лути поради континуираната поддршка за Украина со месеци, изгледаат поподготвени да дозволат да истече помошта за Украина за да постигнат победа што ќе ја слави нивната база. И ако во тој процес уште повеќе ја раздробат коалицијата на демократите, толку подобро за изборните надежи следната година.

Реформата за имиграција можеби не е единствената пречка за понатамошна помош за Украина. Во неговите забелешки по средбата со Зеленски, Џонсон рече дека поголема воена поддршка зависи од „јасната стратегија“ и адекватниот надзор на Конгресот.

„Тие не ни објаснија како го гледаат крајот на војната“, рече тој. Тоа предизвикува стравувања дека дури и ако Сенатот постигне договор, нема гаранција дека нема да се распадне во тесно поделениот Претставнички дом.

За време на заедничката прес-конференција на крајот од долгиот ден на состаноци, и Зеленски и Бајден се обидоа да направат оптимистичка слика за она што се чини дека е залуден напор. Американскиот претседател рече дека се надева дека ќе се најде решение, но не може да вети ништо.

Неговиот украински колега изјави дека им кажал на Американците што сака да направи и дека одговорот е позитивен. Сепак, тој можеби беше единствениот кој го доби тој впечаток.

Во неколку точки за време на посетата, Зеленски, додека им се обраќаше на американските сенатори на англиски, мораше да побара објаснување за зборовите чие значење не го разбира, според Лиза Дежардинс од PBS. Еден од тие зборови беше – застој.

Тоа е термин што украинскиот претседател може да го научи на потешкиот начин. Во ова време на поделена американска влада, застојот е основната политичка состојба на нацијата.