Зеколи-Шаќири за автопатот Скопје-Блаце: Разгледуваме поодржливо решение


 

Заменик-министерката за транспорт, Калтрина Зеколи-Шаќири преку соопштение до медиумите реагира на како што вели „дезинформации што кружат во медиумите“, дека проектот за автопатот Скопје-Блаце нема да заврши.

„Вистината е дека првиот сегмент од 2 километри веќе е завршен и се очекува да биде отворен за сообраќај во следните два месеца“, вели Зеколи Шаќири.

За останатиот дел од автопатот, како што посочува, се разгледува можност за повторен проект за да се обезбеди поодговарачко и поодржливо решение.

„Овој повторен проект е неопходен поради погрешниот и нелогичен избор на траси од претходните раководители на ЈПДП, кои избрале планински терен кој е тежок и скап за изградба, без јасни причини“, вели таа.

Зеколи-Шаќири посочува дека од планираните 12 километри, 6 километри се предвидени да бидат тунели, што го прави овој проект изразито скап без јасни причини со проценета цена од околу 240 милиони евра за преостанатите 12 километри, односно околу 20 милиони евра по километар, што го прави овој проект еден од најскапите проекти по километар во регионот.

„Во моментов, како министерство, разгледуваме можности за алтернативна траса, која ќе поминува покрај постојната патека. Ова решение ќе обезбеди полесен пристап за граѓаните и поволна цена на изградба, во согласност со нормалните стандарди на изградба на патишта“, вели Зеколи-Шаќири.