Здружението „Ануитет“ сака на иста маса да ги седне сите инволвирани во Еуростандард банка


Фото: Б. Грданоски

Здружението на банкарски клиенти „Ануитет“ сака да ги седне на заедничка маса сите инволвирани страни во случајот Еуростандард банка, за како што велат, да се расчистат сите прашања околу банката.

„Изненадени сме од фактот дека сопствениците и Гувернерот на НБРСМ освен меѓусебни обвинувања во јавноста не излегоа со конкретни предлози и мерки како да се обештетат целосно клиентите на Еуростандард банка“, велат од „Ануитет“.
Затоа, како што додаваат, упатуваат јавен повик до сите инволвирани страни да седнат на заедничка маса во еден од медиумите и да ги разјаснат сите нејасни работи околу Еуростандард банка.
„Ние како Здружение ‘Ануитет’ заедно со оштетените клиенти од една страна и вие како сопственици, Гувернер на Народна Банка и Стечаен управник од друга страна пред целата македонска јавност имаме обврска да дадеме одговор на неколку прашања: како и зошто дојде до стечај на Еуростандард банка, дали се размислува за изнаоѓање на можност за целосно обештетување на клиентите и зошто и кој ги донесе клиентите во заблуда“, се вели во повикот на здружението „Ануитет“ при пто се додава дека заедно може да се изнајде решение со кое ќе бидат сите клиенти на банката целосно обештетени.

Инаку, ова здружение, како што е посечено на нивната инернет страница, е формирано годинава со основна цел заштита на банкарските клиенти и клиентите на други финансиски институции, од неправеден, лихварски и дискриминирачки  однос на банките и финансиските институции. На интернет страницата линкот кој води до извршниот одбор, не нуди никакви податоци – кој го основал и кој членува во ова здружение.