Заврши пролетното садење: Во Скопје засадени 450 дрвја


На повеќе локации во Скопје, забележливо е дека се засадуваат нови садници, а од „Паркови и зеленило“ велат дека завршиле со пролетното садење, но дека ќе продолжат наесен.

„Со садењето ќе продолжиме наесен кога ќе биде спроведена поголема акција за садење на територија на целото градско подрачје. Со последното пролетно садење, насадени се 450 садници на повеќе локации во градот. Се садат дрвореди паралелно покрај постојните, со што двојно се зголемуваат дрвјата“, велат од „Паркови и зеленило“. Забележително беше засадувањето во дворовите на училиштата и градинките, покрај оградите, каде што почесто се садеа зимзелени дрвца.

„Засадивме дрвја од видовите: јасен, јавор, платан, каталпа, лилиодендрон, јапонски цреши, метасеквоја, зимзелена смрча, туја, бел бор, црн бор, липа“, објаснуваат од „Паркови и зеленило“, за „Независен весник“.

За успешно спроведување на акцијата за зазеленување на градот, од претпријатието соработувале со Град Скопје, а пролетно садење спроведуваа и општините на својата територија, како и поединечните установи во своите дворови.

Од таму велат дека има интерес кај граѓаните за самостојно засадување на садници, а дека откај нив многу често бараат дрвца кога е сезона на садење.

„Побарувачката на садници од нашите расадници од страна на граѓани особено е зголемена во пролетниот и есенскиот период кога всушност е и најповолното време за садење“, велат од ЈП „Паркови и зеленило“.

Според Зелениот катастар што го изработува Град Скопје, досега се пребројани 65.844 дрвја и 28.395 грмушки. Зимзелените дрвја се застапени во 28,65 отсто, додека листопадни има 71,35 отсто.

Според Законот за урбано зеленило, во Град Скопје стандардот е 25 квадратни метри зелена површина по жител, за сите идни генерални урбанистички планови.

Законот предвидува и најмалку 20 отсто зелена површина на секоја градежна парцела, а во веќе изградени блокови се прави компензација со поставување дрвореди и зеленило во жардиниери, на покриви и фасади.

„Се смета дека 25 квадратни метри зеленило по жител овозможува здраво и хумано живеење. Тоа била и проекцијата за Скопје во Генералниот урбанистички план од 2002-та, но никогаш не дошла ни близу. Според официјални податоци од ГУП 2012-2022, Скопје во 2011 година имало 12,17 квадратни метри зеленило по жител според пописот од 2002 година, односно 9,18 квадратни метри по жител сметано на 550.000 жители, но во рамките на новиот плански опфат. Како проекција за 2022 година е предвидено 18,5 квадратни метри зеленило по жител, или околу 17 квадратни метри според реалниот број жители. Слична е состојбата и со другите градови во Македонија. За да се постигне ова, потребно е многу сериозна работа за подигање нови паркови, дрвореди и друг вид зеленило“, стои во образложението на Предлог-законот кој беше поднесен од група пратеници од партиите ДОМ и СДСМ. (Б.Б.)